У мое време беше друго

Кога ќе го споредам ова денес и ќе се сетам… У мое време беше друго… 

Одиш у интернет кафе, се умрежуваш на Кантер и така до пет сабајле. Брат ти учи, а ти под мост со снајперот.

На голем одмор вадиш топка и пола школо игра фудбал на паркингот.

Купуваш патики за 20 марки со големи букви NAJK или ADIBAS и ги носиш 2 месеци (втора недела веќе ги користиш за фудбал у маало). Денес ова Кинезиве ги прават за два дена да ти се распаднат.

У парк се пијанчиш со Витач на Очи боје дуге и Фанки Џ и тажиш зошто не те сака замислената симпатија. Ова денес секој викенд техно, голо, издрогирано, јадат ексери и останати глупости.

Одиш на предавања, ги потпишуваш и колегите што не дошле = другарство. Денес секој има своја картица како да работат во Сименс. А кога ќе се сетам на часовите по информатика: Два часа вежбаш Text Align во Word или четири саата пишуваш програм што собира само броеви помали од 10 во DOS – што има врска што никој не го користи.

Серии и филмови купуваш на касета, пола ден премотуваш за да почнеш да гледаш. Ова денес, дечурланава, ако нема торент со превод штом излезе епизода, на светов сé до трето колено ќе му исколнат.

Го прашуваш татко ти „Тато, може ли да ми купиш мобилен, сите во оддел…“ – те прекинува со шамар наопачки и продолжува да гледа Лига шампиони.

Ние порано се фалевме на кој прв ќе му пораснат влакна бе, а овие денес разменуваат бројчиња од депилаторки.

Мобилните имаа антена, да можеш око да ископаш, пиво да отвориш… Денес не можеш ни да се почешаш со смартфонот.

Девојките беа послободни. На одмор ќе пофаќавме по 20 газови пред да нé стигне шамарот. Сега треба 60 профили и 2300 слики да ѝ лајкнеш за да ти прозбори.

Кога се пиеше Guarana, луѓето мислеа дека се дрогираш. Па ќе те кажеа дома, па ќе јадеше ќотек со каиш.

За роденден ќе ти дојдеа другарите, мајка ти ќе испече 100 кифли, ти ќе купиш црн сок од дваесе (кога го поскапеа, иначе едно време беше 15 денари!) и Смоки од оние српските и спремен си. Сега го викаат кетеринг.

Првата цигара ја запалив позади гаражи, меѓу грмушки, ја држев со штипка, пикавецот го закопав, лапнав 3 мастики и 2 пати измив заби пред да стигнам од влезна врата до дневната. Денес мајка му му пакува џоинт за на голем одмор.

Старки носеа само тие што се дрогираа и на физичко. Денес не можеш да провалиш дали е наркоман или студент.

Мајка ти се дере од прозор: Ајде сине да јадеш, ручекот ти е на маса, се олади, дојди јаде, после пак ќе излезеш. Ти доаѓаш да јадеш и после не те пуштаат.

А сликањето беше: стоиш мирно во место. Се сликаш, па носиш сликите да ги развијат, па чекаш една работна недела за седум слики, како да чекаш тенк да ти направат. Затоа и пазевме што сликаме.

- Реклама -