„Тврдокорни“ ќе ја враќаат Македонија на Македонците

Организацијата „Тврдокорни“ ќе организира ново движење за отпор под името „Движење за враќање на Македонија на Македонците“. Се работи за „организациско обликување на движење за граѓанска непослушност“, т.е. граѓанско движење кое ќе биде насочено „против колонијалната потчинетост и кон враќање на македонската сувереност“. Или поедноставно кажано, како што велат од „Тврдокорни“ – движење за враќање на Македонија на Македонците.

Главната цел на движењето, како што се наведува во соопштението, е враќање на македонскиот национален суверенитет.

„Македонскиот народ да биде суверен во градењето на животот во својата земја Македонија со почитување на сите оние права на другите етнички заедници кои не го нарушуваат македонскиот суверенитет“.

Што се однесува до правно-политичката цел, „Движење за враќање на Македонија на Македонците“ ќе работи на создавање на траен Горен Народен (Национален) Дом, „во кој со мерки за ограничување на партиското влијание национално најзаслужните граѓани избрани на општи избори ќе го контролираат работењето на Долниот партиски дом. Вклучително избор и контрола на работењето на судовите“.

За свој идеолошки непријател, движењето го смета глобалтоталитаризмот – „како сила која сака да наметне сеопшта моќ ограничувајќи секаква национална и лична граѓанска слобода“, а за непријателски субјекти ги посочува: „одродените слоеви од самозамислената домашна и светска елита (политичка, стопанска, интелектуална, естрадна, свештеничка), како поклоници на глобалтоталитаризмот“.

Како што се наведува во соопштението, првиот стадиум од борбата за враќање на Македонија на Македонците завршил со успех, а тоа било неуспешност на „бесчесниот референдум за преименување“. Во следните стадиуми, движењето ќе работи на „уште пошироко и појасно истакнување уште појасно истакнување на прикриените злонамерни дејствија кај домашните и надворешните глобалтоталитаристи“, како и на субјективно означување на „крадците на општите македонски национално-општествени добра“. Ќе се работи и на будење на општествената должност на секој поединец и секој совесен граѓанин: „Секој совесен граѓанин секојдневно и секаде да понесе дел од товарот за постигнување праведен политички систем, затоа што и придобивките се заеднички“.

„Секој народ што ќе се избори за здрави политички услови, во тие услови е способен за стопански и културен напредок. Ние имаме еден живот и срамота е ако си дозволиме целиот наш живот да ни помине занимавајќи се како да излеземе на крај со каприците на политичарите како Бранко, Љубчо, Грујо, Заев и други прости егоманијаци пробиени на одговорни функции кои ги користат и наивноста на граѓаните и слабостите на недоработениот правно-политички систем“, стои во соопштението.

Движењето ќе делува под слоганот: „Во служба и заштита на обичниот Македонец и обичниот човек“.

Целото соопштение можете да го прочитате во постот на Фејсбук страната на „Тврдокорни“:

- Реклама -