Тврдењата за дестабилизација се невистинити, затоа не треба да се потпаѓа на провокации – рече Ахмети по средбата со бугарскиот амбасадор Ангелов

Средбата се случила во партиското седиште во Тетово, а тема на разговор, меѓудругото биле коридорот 8, уставните измени и клучните државни договори, меѓу кои и Договорот за добрососедство

Лидерот на Демократската унија за интеграции Али Ахмети, утринава во партиското седиште во Тетово оствари средба со амбасадорот на Бугарија во земјава, Ангел Ангелов. На средбата, како што се вели во соопштението од ДУИ се разговарало за патната и железничката поврзаност преку Коридорот 8, уставните измени за внес на Бугарите во уставот, санкционирање на изборниот легитимитет, како и за клучните договори – Охридскиот рамковен договор, Преспанскиот и Договорот за добрососедство со Бугарија.

Ахмети-бугарски амбасадорАхмети-бугарски амбасадор
Фото: ДУИ

„Ахмети потсети на ветувањето на поразените на изборите за уставни измени за 6 месеци и рече дека ДУИ останува посветена на евроинтеграциите. Соговорниците се согласија дека Коридорот 8 е регионален и евро-американски приоритет и затоа Владата треба без одлагање да ги продолжи проектите за патно и железничко поврзување“

велат од партијата.

Ахмети се осврнал и на обвинувањата на премиерот Мицкоски дека неговата партија се спрема да создаде дестабилизација во земјава од есенва. Тврдењата тој ги нарекол непостоелки и невистинити кои како единствена цел имаат да ја дефокусираат јавноста од недостатокот на резултати и секојдневни скандали.

„ДУИ го има докажано својот придонес за стабилноста и безбедноста и се спротивставува на секој политички владин инсцениран обид за дестабилизација и ги повикува Албанците и другите да не потпаднат на провокациите на владата без етнички легитимитет“,

изјавил Ахмети.

Дополнително Ахмети го потсетил Ангелов на ветувањето на како што велат од ДУИ „поразените“ на изборите кои кажале дека уставни измени ќе има за шест месеци од формирањето на Влада и рекол дека неговата партија останува посветена на евроинтеграциите. 

Вчера, лидерот на ДУИ оствари средба и со евроамбасадорот во заминување Дејвид Гир, на која Ахмети повторил дека предупредувањата на Мицкоски за дестабилизација се тенденциозни.

„Ахмети зборуваше и за тенденциозните предупредувања на премиерот Мицковски за дестабилизација, истакнувајќи загриженост за можно намерно владино инсценирање преку обвинувања на други со цел да се дефокусира јавноста од потфрлувањата на власта. ДУИ е посветена на стабилноста, безбедноста, мирот, добрите меѓуетнички и меѓусоседски односи како и европската интеграција и отфрла секакви монтирани политички владини обиди за дестабилизација“,

соопштија вчера од ДУИ по средбата Ахмети-Гир во партиското седиште во Тетово.

На темата „дестабилизација“, премиерот Христијан Мицкоски денеска во низата изјави, кажа дека има индиции оти високи функционери во поранешни влади се обидуваат да предизвикаат меѓуетнички конфликт. Тој повторно не споменува имиња, но тврди „тоа го прават елементи кои располагаат со огромни милионски суми на пари“.

Мицкоски извесен период споменува можност за дестабилизација поврзувајќи ја со активности што ги планира ДУИ за наесен. Со иста теза јавно излезе и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, но и тој не кажа повеќе детали.

Од друга страна, пак, на прашање на „360 степени“ до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова – дали во врска со овие информации таа планира да го свика Советот за безбедност и дали вакви информации поседува и нејзиниот кабинет, одговорот оттаму беше краток – не.

- Реклама -