Четворица високи функционери на Twitter ја напуштаат компанијата, објави на својот профил извршниот директор Џек Дорси.
Тоа е најголемата промена откако Дорси се врати на чело на компанијата.
Одговорните за медиумската политика Кејти Џејкобс Стантен и Кевин Вејл, односно, шефот на единицата за инженеринг Алекс Ротер и шефот на HR одделот Брајан Скипер ја напуштаат компанијата, најави Дорси. Цената на акциите на Twitter падна за речиси 50%, откако Дорси се врати лани и во моментов е под нивото од IPO-то на позадината на стравувањата дека компанијата не успева да ги зголеми своите корисници и покрај брзото темпо на претставување на нови производи под негово раководство.
Викендов Џејсон Тоф, кој го предводи делот на Twitter за видео стриминг – Vine, исто така, најави дека ја напушта компанијата, за да се приклучи на Google. Неговото име не е наведено во соопштението на Дорси.
Денес Twitter може да објави и други раководни промени, вклучувајќи наоѓање на нов маркетинг директор, според извори блиски до компанијата. Twitter наскоро ќе ги соопшти и имињата на двајца нови членови на одборот на директори, според истиот извор.
Дорси, кој истовремено ја раководи и компанијата за финансиски услуги Square, сè уште не објавил детален план за тоа какви промени би сакал да се случат во Twitter. Се очекува тој да оствари средба со раководството подоцна во текот на неделата.