Во бразилскиот информативен дневник Metropoles осамна невообичаен текст напишан од бразилската судијка Габриела Жардон. Во текстот таа пишува за еден свој неодамнешен судски случај, најтешкиот во нејзината кариера – 18-годишно момче кое го тужи својот татко поради тоа што го напуштил уште од раѓање. Синот го тужел таткото за емоционално запоставување, притоа без барање за никаква финансиска компензација, туку само пресуда која ќе ја уважи неговата болка и ќе му овозможи да продолжи со својот живот.
Жардон, која го водела случајот во окружниот суд, пишува дека сослушувањето било многу емотивно. Растењето без татко имало очигледен трауматичен ефект врз младото момче, опишува таа, до степен што само што наполнил 18, синот веднаш се решил да го изнесе таткото пред суд, со надеж дека ќе биде прогласен за виновен.
Жардон пишува дека влегла во судницата со веќе донесена одлука во својата глава; не можеш да присилиш некој да те сака, а законот тоа го може уште помалку, па правно гледано ништо не одело во прилог на тужбата, т.е. на синот. Таткото настапил токму со таквата очекувана правна одбрана: „Судијо, не можам да бидам присилен некого да сакам. Секогаш се грижев за него финансиски, но остатокот никогаш не го заработив и според законот не можам да бидам присилен да го дадам. И точка!“.
Кога дошло ред да се изјасни и момчето, судијката сметала дека случајот е веќе јасен, па го ослободила таткото да ја напушти судницата. Сепак, синот инсистирал таткото да остане и да го сослуша. Кога го почнал својот исказ, пишува Жардон, синот веднаш почнал да плаче, и иако бил многу јасен и речив, одвај ги завршувал речениците при целото неконтролирано липање. Започнал да ги набројува сите страдања што ги доживеал како резултат на растењето како сирак, а при жив родител. Зборувал за секој пат кога татко му се согласил да дојде на школски состаноци, но никогаш не се појавил, зборувал за неодговорените повици, за викендите кои ги поминал во очекувањето татко му да дојде да го посети…
Роберто (фиктивно име на момчето) раскажал дека во еден момент отсуството на татко му станало толку неподносливо што почнал да му се јавува и буквално да го моли да се сретнат, но и тоа без успех. Татко му престанал да му одговара на повиците, а не го посетил ни кога сериозно се разболел.
Жардон особено била трогната од храброста на Роберто да му го каже сето тоа во лице и да инсистира дека таткото треба тоа да го чуе. Од друга страна, била погодена од крајната индиферентност на таткото за време на емотивното излагање на напуштениот син. „Немаше ни трага од љубов во неговите очи“, пишува судијката.
Понатаму во исказот Роберто рекол дека е стигнат до точката кога ќе мора да го убие татко му (во метафорична смисла) за да може да води нормален живот. Сега е на колеџ, има девојка, има многу пријатели, ама сé уште чувствува дека си должи себеси да го изведе својот отсутен татко пред суд и да ја докаже неговата вина. Таквата одлука ја донел и покрај противењето на мајка му, небарајќи никаква друга компензација освен пресуда за вина која, се надевал, можеби би ја разбудила грижата на совест кај неговиот татко.
Во текстот Жардон не ја открива својата финална пресуда, но законот е јасен: сé додека родителот ја има исполнето финансиската обврска кон детето, не може да биде сметан за виновен. Сепак, емотивниот исказ на Роберто ја натерал да се замисли, да ја преиспита праведноста на законот, како и тоа што значи да се биде син, и уште повеќе – татко. Завршува ли твојата родителска должност со тоа што ќе ја обезбедиш финансиската поддршка што ти ја наложува законот?
„Не постои законска должност да сакаш, но постојат родителски должности кои се јасно истакнати во повеќе од еден закон. Дури и без љубов, должен си да се грижиш за своите деца, да бидеш таму за нив, а тоа значи многу повеќе од алиментација, според мене“, пишува Жардон.