Турското обвинителство одреди привремен 40-дневен затвор за Палевски

На првосомничениот во случајот со убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74 годишниот Панче Жежовски, Љупчо Палевски му е одредени привремен затвор во Затворената казнено-поправна установа Беликсир во Турција, соопшти денеска Министерството за правда.

-Во дописот од Републичкото Јавно Обвинителство Беликесир – Турција информираат дека на лицето Љупчо Палевски, кој со потерница беше уапсен за кривично дело „намерно убиство на дете“, согласно Законот 6706 член 14, со цел да се обезбеди екстрадиција на лицето во наведената земја (РСМ), согласно член 16 од Европската конвенција за екстрадиција на криминалци, му е одреден привремен затвор во траење од 40 дена, наведуваат од Министерството за правда.

Постапката за екстрадиција на Палевски, како што информира МП кон средината на месецов, ќе трае неколку месеци.

-Од дента кога се апсеше бевме во координација со СМПС-Интерпол, како и со ОЈО Скопје. Во 9:20 часот го добивме официјалното известување од МВР и отворивме предмет. Барањето за екстрадиција беше спремно, министерот го потпиша и истиот ден беше преведено. Пред тоа да го направиме, побаравме веднаш да биде задржан во притвор за екстрадиција, изјави од Секторот за меѓународна правна помош во МП кон средината на декември.

Прочитајте и:  Сведочеше адвокатот што го возеше Палевски до Белград, му имал позајмено 20.000 евра во последните три години

Палевски беше фатен во Турција откако по него беше распишана меѓународна потерница.

Истрагата за убиството на Вања и Панче почна на почетокот на овој месец и во неа, покрај Палевски, кој е осомничен за кривичните дела „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“, за соизвршителство се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје. Во притвор се и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето со тоа што, како што соопштија своевремено надлежните, споделувал информации со останатите осомничени за движењето на неговата ќерка, и Стефан Димковски, возачот кој го возел од Србија до Турција првоосомничениот Палевски.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.

- Реклама -