Турски државјанин се обидел да прошверцува златен накит вреден 32 000 евра – ОЈО Гевгелија отвори постапка

По предлог на надлежниот јавен обвинител на осомничениот странски државјанин му е определен осумдневен притвор поради опасност од бегство

Основното јавно обвинителство Гевгелија повело постапка против турски државјанин откако кај него биле најдени неколку парчиња златен накит вреден околу 32 000 евра, кој не го пријавил при влез во државата на граничниот премин „Богородица“.

Граничниот премин „Богородица“ на македонско-грчката граница преку кој турскиот државјанин остварил влез во РС Македонија / Фото: Архива

Постапката, како што соопштија попладнево од Обвинителството, е поведена бидејќи постои основано сомнение дека државјанинот на Турција со привремено престојувалиште во Франција сторил кривично дело криумчарење според член 278 став 1 од Кривичниот законик (КЗ).

„Осомничениот, на 11 септември, на влез во државава на граничниот премин ‘Богородица’, како сопатник во автомобил ‘ауди’ со француски регистарски ознаки, ја избегнал царинската контрола и пренел непријавена стока од поголема вредност, односно седум парчиња златен накит со вкупна тежина од 285,28 грама и вредни 1 977 129 денари кои не ги пријавил“,

се наведува во соопштението од Обвинителството.

Поради опасност од бегство и околноста дека неговото присуство во текот на кривичната постапка не може да се обезбеди на друг начин, на предлог на надлежниот јавен обвинител на осомничениот странски државјанин му е определен осумдневен притвор.

- Реклама -