Фејсбук статус на проф. Љубомир Цуцуловски
НАВРЕДА И СРАМ. Неверојатно е колку луѓето не водат сметка за последиците/импликациите од тоа што го тврдат. Според најголемиот дел од бугарските политичари и историчари, Македонците биле одродени/разбугарчени Бугари, кои просто преку ноќ, по налог на Коминтерната и Тито, биле преобразени од Бугари во Македонци, кои дотогаш дури и не постоеле(!?) Зарем не сфаќаат овие суштества од историчари и политичари дека со оваа теза не ги навредуваат Македонците, туку го навредуваат бугарскиот народ, бидејќи ако се прифати тезата што цело време ја туркаат – дека дел од Бугарите (со декрет!) биле преобразени во непостоечка македонска нација – логично следи дека бугарскиот народ е податлив (можеби и подмитлив?) народ, кој лесно се согласува на промена/асимилација/денационализација, бидејќи дел од него (1944 година) преминал во непостоечките Македонци. Тоа имплицира дека можеби уште утре, по налог на некоја нова Коминтерна, Тито или Георги Димитров (може и Брисел) од нив да бидат создадени некакви нови Тераконци, Мераконци или Гагаузи.
Сакајќи да го понижат македонскиот народ, бугарските официјални историчари и политичари, буквално, без каков било пардон, го понижуваат и осакатуваат токму сопствениот бугарски народ, сметајќи го (со своите налудничави идеи) за лесно поткуплив и превртлив – од Бугари, без особена причина, преминале во Македонци. Секогаш е така, кога некој е обземен од несфатлива грандоманија.
П.С. Првично оваа идеја ја објавив во текстот/сказна „Навреда и срам“, објавен во „Утрински весник“ од 21.10.1999, стр. 21. Покасно (во 2002) ја преобјавив во збирката сказни „Разни сказни“, стр. 178-182.