Цуфи Кока доби 4 месеци затвор, осум помалку од минималната казна

Јусуф Енузи, познат како Цуфи Кока – човекот што пукаше со пиштол при конфронтацијата со демонстрантите против францускиот предлог кај плоштадот „Скендербег“, е осуден на 4 месеци затвор, објави „ТВ21“, кои добиле потврда на информацијата од членови на неговото семејство.

Како што потенцира „Телма“, тоа е многу помалку од минималната казна – Обвинителството го гонеше Кока за „предизвикување општа опасност“, за што е предвидена казна од 1 до 5 години затвор. Според неофицијалните информации на медиумот, најверојатно се работи за признавање на вината, но, сепак, Обвинителството најавува дека ќе се жали на висината на казната откако до него ќе стигне писмена пресуда.

Како што посочува „ТВ21“, пак, Кока е во домашен притвор и ќе остане таму сѐ до стапување на правосилноста на првостепената одлука.

Кока, инаку, е член на Алијанса на Албанците. Неговиот брат, Зуди Енузи, поради инцидентот со Цуфи, беше разрешен од функцијата в.д. директор на ЈП „Комунална хигиена“, од страна на градоначалничката на Скопје – Данела Арсовска, што, барем според официјалните објаснувања, беше причина Алијанса за Албанците да ја прекине соработката со ВМРО-ДПМНЕ.

- Реклама -