Црвено-жолта револуција? Истурена боја врз Министерството за култура (ФОТО)

Непознати сторители во петокот вечерта – денот кога Собранието ги изгласа уставните измени за промена на името, истуриле боја на влезната врата и фасадата на зградата на Министерството за култура. Случајот бил пријавен во саботата во 00:35 часот од вработен во министерството.

Употребени се „боите на Македонија“ – истурена е жолта, а со црвена е испишана кратенката „МКД“.

Набрзо по инцидентот, фотографија од „нападот“ осамна на профилот на здружението „Млади за Македонија“, кое се противи на промената на името и се залагаше за бојкот на референдумот:

„Денес не умре Македонија, денес се роди црвено-жолтиот отпор на македонскиот народ! Министерството за Култура офарбано во македонските национални бои! Ова е знак дека борбата на македонскиот народ не е завршена, туку борбата сега почнува!“, стои во постот на официјалната Фејсбук страна.

„Северна не прифаќаме! Нема предавање! Борбата за нашето име и идентитет само што започна! Борбата за нашите човекови права нема крај, туку само свој почеток. Им го должиме ова на генерациите пред нас и после нас!“, стои во еден од постовите на „Млади за Македонија“ по изгласувањето на уставните измени.

- Реклама -