Црвенкапа и лошиот волк – оваа вечна приказна е дел од културата на човештвото генерации наназад.
Ви претставуваме една храбра имагинација, односно како би звучела оваа класика, доколку Балзак, Иго, Џек Лондон и други мајстори на перото им ја раскажуваа на внуците.
Харуки Мураками
„Кога се разбудив, Црвенкапа уште спиеше. Испушив седум цигари една по друга и се упатив кон кујната каде што почнав да правам шпагети. Секогаш варам шпагети многу темелно и не сакам кога нешто ме оддалечува од овој процес. „Пинк Флојд ” ечеше од радиото. Токму го додавав сосот кон тестенините, кога на вратата се слушна ѕвонење. Тргнав кон неа и патем, ѕирнав во спалната соба. Таму, Црвенкапа уште спиеше. Се заљубив во ушите – едното беше осветлено од утринското сонце. Во животот не сум видел такви уши… Ја отворив вратата и го видов спроти мене волкот. Во мојот ум веднаш изникна сликата на овца…
Ги Де Мопасан
„Волкот застана на патот и почна да ја гледа со оној посебен поглед кој искусниот париски развратник го фрла на провинциската кокетка која се уште се труди да изгледа невино. Но тој верува во нејзината невиност не повеќе од самата неа и се чинеше веќе гледа како таа почнува да се соблекува. “
Виктор Иго
„Црвенкапа почна да трепери. Таа беше сама. Беше сама како игла во пустина, како зрно песок меѓу ѕвездите, како гладијатор меѓу отровни скорпии …”
Џек Лондон
„Но таа беше достојна ќерка на својата раса; во нејзините вени течеше силната крв на белиот покорувач на Северот. Затоа, без да и трепне окото, нанесе катастрофален удар на волкот. Волкот паничен побегна, а таа, остана загледана во него, со лице, осветлено од нејзината шармантна насмевка. “
Габриел Гарсија Маркес
„По неколку години, Волкот, исправен до ѕидот за стрелање, требаше да се сети на онаа далечна вечер кога Бабата изеде толку многу колачи, колку што тој би стигнал да истреби стотици стаорци. Но таа, како ништо да не се случило, свиреше и пееше до полноќ. Две недели потоа Волкот и Црвенкапа се обидоа да ја запалат колибата на старицата. Двајцата гледаа како оганчето брзо лази по кабелот на детонаторот и конечно пукна, но залудно. Кога конечно Црвенкапа се осмели да ѕирне внатре, наместо безживотно тело, таа виде една Баба полна со живот, со уништена облека и загорена перика, која енергично го гаси огнот со ќебе. “
Едгар Алан По
„Во почетокот на старата, мрачна, обвиткана во таинствен превез од магла – Гора, над која навјасаа темни облаци од морбидно испарување и се слушаше фатално „Тинг“ на окови, во мистичниот ужас живееше Црвенкапа.”
Вилијам Шекспир
„Да ја изедам, или да не ја изедам? Ова е прашањето!”
Оноре де Балзак
„Волкот дојде до куќата на Бабата и тропна на вратата. Оваа врата е направена во средината на 17 век од непознат мајстор. Тој ја изработи од модерниот во тоа време канадски даб, образувајќи ја нејзината класична форма и ја закачи на железни шарки кои за тоа време може и да биле добри, но сега ужасно квичат. На вратата немаше никакви орнаменти, само во десниот долен агол се гледаше една гребнатинка, за која велеа дека е од Тотенхем, од левата чизма на Селестен де Шавард – фаворит на Марија Антоанета и доведен брат по мајчина линија на дедото на Бабата на Црвенкапа. Општо земено, вратата беше обична и затоа не е потребно да запираме на неа подетално. “
Ерих Марија Ремарк
– Дојди кај мене … – рече Волкот. Црвената девојка налеа две чаши коњак и седна до него на креветот. Двајцата истовремено го дишеа познатиот мирис на коњак. Во него имаше тага и замор – тагата и измореноста на самракот што бледнее. Коњакот беше самиот живот.
– Секако, – рече таа. – Нема на што да се надеваме. За мене нема иднина.