Црн хумор – знак на висока интелигенција

Некаде во ноември лани, на научно-забавните портали се појави вест дека еден човек паднал во еден од гејзерите на националниот парк Јелоустоун, и дека комплетно се „растворил“ за еден ден. Колку што е темна и бизарна, толку приказната е и фасцинантна кога се гледа од аспект на наука. Различни луѓе реагираа многу различно, но сепак, повеќето коментари беа нешто во рамките на „Па, сега знам каде да скријам мртво тело“.

Ако ваквиот коментар ви е смешен, честитки – дефинитивно имате смисла за црн хумор, а веројатно имате и високо IQ. Според една нова студија во научниот журнал Cognitive Processing, постои силна корелација меѓу едното и другото.

„Црниот хумор е како пар нозе. Не сите ги имаат“

Водена од Медицинскиот универзитет на Виена, на 156 луѓе – микс од мажи и жени, со просечна старост од 33 години, и со мешан степен на образование – им било дадено да решаваат генерализиран тест по интелигенција, базиран на вербално и невербално расудување. Потоа од нив било побарано да разгледаат и да реагираат на 12 цртани од германскиот цртач Ули Стејн – сите со прилично црна компонента во приказната.

Како пример, во еден од тие цртани, доктор ѝ се обраќа на трудна жена и нејзиниот сопруг со зборовите: „За почеток, добрата вест: Вашето дете секогаш ќе наоѓа место за паркинг“, при што се алудира, се разбира, дека детето ќе биде хендикепирано.

Долго на таквите како вас (и нас) – на кои ова погоре им е смешно, а во исто време си го преиспитуваат моралот – се гледаше како на луѓе кои се меланхолични по природа, демек затоа сакате црно во смешките. Од друга страна, многу ретко таквиот хумор се поврзуваше со некаква повисока когнитивна функција.

Резултатите од студијава го покажуваат токму второто: Тие што ги разбрале и најмногу им се допаднале шегите на Ули Стејн, покажале највисоки резултати на тестот по интелигенција, но и најниско ниво на генерална агресија, најниско ниво на негативно расположение, а и подобар степен на образование (формално или неформално).

За таквите, еве мал подарок.

Кобасиците на сликата зад трите прасиња? Е па татко им.

Од друга страна, тие што најмногу ги мразеле шегите, покажале просечно IQ, заедно со највисоко ниво на агресија и најмногу потенцијал за негативно расположение. Тие што шегите ги сметале за „онака, океј“, исто така покажале просечна интелигенција, но биле само умерено агресивни и претежно со позитивен поглед на светот.

Крајната поента е дека црниот хумор е комплексна форма на хумор. Темните теми како смртта или хендикепот знаат да изнервираат некои луѓе, но способноста инстантно да прогледаш низ црното и да се насмееш на итрата игра со зборови – проследена со генерално позитивно расположение на умот – е знак на повисоко ниво на когнитивно процесирање.

Така да, во иднина подобро е да си ќутат тие со прашања од типот „Добро бе, како можете да се смеете на ова?“, зашто одговорот нема да им се допадне: „Е така, со финта“.

- Реклама -