Циркуската претстава во руското село Успенскоје, Краснодар, се претвори во хорор. Циркуската лавица нападна 4-годишно девојче и му нанесе тешки повреди.
На видеото се гледа како мајката го симнува девојчето од скутот, и од сосема нејасна причина го спушта поблиску до заштитната ограда. Речиси во истиот момент лавицата го забележува тоа и тргнува кон девојчето. Не успева да ја спречи ни дресерот, ни јажето, ни заштитната ограда, а како што пренесуваат медиумите, девојчето било гризнато на лицето, здобивајќи се со повреда од увото па до брадата.
Девојчето во моментов е во стабилна состојба и надвор од животна опасност, но на интензивна нега во болница.
Кој е виновен?
Според директорот на московскиот циркус – Едгар Запашни, за несреќата се виновни и циркусот, и мајката.
„Цврсто верувам дека вината е на сопственикот и водителот на патувачкиот циркус, на тренерот на лавицата, но и на полнолетното лице кое го пушти детето од првиот ред“, вели Запашни.
Несреќата повторно ја актуелизира дебатата за употребата на животните во циркусите. Надежите се дека по ова ќе се подигне свеста во Русија, ако ништо друго, барем околу искористувањето на опасни диви животни, како мечките и лавовите, во циркуските точки.