Одговарајќи на новинарско прашање по заедничката прес-конференција на македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас, Ципрас го опфати и делот со спомениците, како и ознаките кои е предвидено да ги добијат, а со кои ќе се означи дека припаѓаат на хеленистичкиот период. Ваквото означување е еден од чекорите преку кои двајцата премиери ќе ги уверат скептиците во користа од Преспанскиот договор, порача Ципрас.
„Сакаме да ги увериме сите дека мислиме добро.
Спомениците кои се однесуваат на Античка Македонија, и нивното распоредување како и специфичното обележување и именување на тие споменици, ќе расчисти дека тие се дел од античкото грчко минато и од грчката култура, што е всушност светска култура.
Грција е важна земја, Зоран, особено кога ги отвара своите крилја, кога полетува. Не кога ќе се затвори. Тоа се однесува на сите народи. Затоа овие сите споменици од грчката цивилизација припаѓаат на светот, тие се светски споменици, тие се дел од светското наследство. Нам ќе ни биде драго кога ќе ги ставите имињата, тоа ќе расчисти дека тие споменици се дел од античката грчка цивилизација.
Ова се чекорите кои постепено ќе помогнат да се создаде подобра клима помеѓу двете земји, помеѓу двата народи. Ние сакаме да го зголемиме приливот на туристи, бројот на Грци кои ќе ја посетуваат Северна Македонија, како и луѓето од Тесалоники кои ќе ги посетуваат Скопје, Струмица, Битола, но исто така и граѓани од Северна Макеоднија коишто почесто ќе ги посетуваат Тесалоники и Халкидики – што секако е омилена туристичка дестинација, моја но и на Зоран, и со право“, истакна Ципрас.