За две години центарци ќе дишат почист воздух споредбено со останатите жители на Скопје. Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, најави дека размислува во 2019 година да стартува со изградба на кула за прочистување на воздухот по терк на неколку светски метрополи.
Кулата за прочистување на воздухот има за цел да ги уништи канцерогените честички што лебдат во воздухот и преку дишните патишта имаат штетно влијание врз човековиот организам, предизвикувајќи притоа голем број заболувања.
Според најавата на Богдановиќ во интервју за порталот Фактор, во Центар ќе се постави овој најреволуционерен патент за прочистување на воздухот, кој во поново време станува актуелен.
– Станува збор за еден од најреволуционерните патенти на денешницата за прочистување на воздухот. Според досегашните истражувања, како и со поставувањето на оваа кула во неколку од најзагадените градови во светот, докажано е дека таа прочистува 30.000 кубни метри воздух. Со поставувањето на оваа кула воздухот ќе се прочисти за неверојатни 70-75 отсто, така што на граѓаните ќе им се обезбедат услови за намалување на штетните влијанија од загадениот воздух. Станува збор за објект што е висок околу седум метри. Според нашите планови, кулата треба да почне да се гради во 2019 година. Во моментов активно се разгледуваат деталните урбанистички планови за да се утврди каде би било најсоодветно да се постави кулата – вели Богдановиќ.
Ваквата изјава веднаш ги разбранува ставовите на граѓаните околу ефектите што може да ги постигне оваа кула за прочистување на воздухот. На социјалните мрежи може да се прочитаат коментари од типот дека тоа ќе бидат залудно фрлени пари, па сè до бројни ставови искажани во вид на поддршка за ваквата идеја на градоначалникот.