(скоро) Сите во светот температура мерат во Целзиусови степени, и нормално е дека ќе помислиме дека Андерс Целзиус ја смислил скалата што ја користиме денес. Ама не е така.
Да, Целзиус измисли температурна скала, во која ги оддели точките на мрзнење и вриење на водата за 100 степени, но таа скала ја немаше нулата како точка на мрзнење на водата, или 100 – како точка на вриење. Всушност, неговата беше тотално обратна.
Во 1741, Целзиус бил професор по астрономија, а неговата температурна скала ја измислил со цел да најде полесен начин за мерење на температурата. И неговата имала точка од 100°, но тоа била точката на мрзнење, додека нулата – точка на вриење. Колку и да изгледа чудно од денешен аспект, во тоа време немало стандардизиран метод за мерење на температурата, па тоа било сосема нормално. Згора на тоа, има причина што неговата и другите скали од тоа време се наопаку – на тој начин се избегнуваат негативните броеви, бидејќи температурата на водата може да падне под точката на мрзнење (100°), но никогаш не може да се искачи над точката на вриење (0°). Со избегнување на негативните броеви (т.е. минусите и плусовите) се избегнувала и можноста да настанат повеќе грешки во мерењето, калкулирањето и евидентирањето на температурите.
Денешната Целзиусова температурна скала прв пат дошла на свет во 1745 година, но никој не знаел кој ја има создадено. Прво била наречена Центиградна скала, но ова име дополнително ги збунувало луѓето – заради корените на зборот centigrade (француска единица за агли). Така, научниците решија да ја именуваат според оригиналниот создател. Андерс Целзиус бил избран затоа што во еден популарен учебник од тоа време, тој бил погрешно наведен како автор на скалата.
Значи, Целзиус ниту ја измислил, ниту некогаш ја користел скалата што денес ја викаме Целзиусова.