А се доближи летото, навалува бранот паника заради целулитот кој сите го доживуваат како пропаст. Во луксузните магазини и на интернет таблоидите се множат насловите на оваа тема. Пола од нив ги критикуваат јавните личности зошто не успеале да се изборат со проблемот („15 славни личности кои се борат со целулитот“, „Несовршеноста на богатите и славните“ и сл.), а другата половина ги учат обичните смртници како да го избегнат („Како да се решиш од целулитот?!“, „10 начини до мазно газе“ и сл.).
Актуелниот агресивен однос на нашата култура кон поткожното сало е исклучително добро документиран, но биолошки гледано, целулитот е прилично неизбежен. „Тоа е секундарна полова карактеристика, баш како и дојките“, вели Макс Лафонтен – научник и виш соработник на Insermu – Француски институт за здравје и медицинско истражување; како и експерт за масно ткиво.
Според него, најмалку 8 од 10 жени поседуваат ваков вид сало, кое најчесто се таложи за задникот, бутовите и стомакот. Тоа е корисна залиха на енергија во случај на бременост или доење. „Структурата на женската кожа е поинаква од машката“, вели Лафонтен. „Целулитот се појавува кога клетките на салото ќе почнат да бабрат и да ја нарушуваат складната хомогеност на ткивото“.
Целулитот постои одамна, за разлика од војната што жените му ја објавија неодамна. Францускиот историчар Жорж Вигарело, во својата книга „Историја на убавината“ истакнува: „Целулитот настана во културата на детално проучување на телото, која повеќе од било кога порано се опира на оскудацијата и пропаѓањето“. Ако прошетате по музеите на уменост, многу брзо ќе станете свесни за оваа еволуција. На пример, славната слика „Три Грации“ на Рубенс сместена во музејот Прадо во Мадрид. Кога е насликана во 17 век, ова ремек-дело претставувало идеал за убавина.
Дури и зборот „целулит“ е релативно нов: настанат е во Франција кон крајот на 19 век. Првото појавување датира од 1873 година, во францускиот медицински речник Littré & Robin. Таму целулитот е опишан како „воспаление на клеточното ткиво“. Но, „докторите во тој период овој израз го користеле за да опишат нешто друго“, вели Розела Гиџи – вонредна професорка на универзитетот во Болоња. Пред 15-тина години, додека студирала во Париз, Гиџи напиша дисертација на историјата на целулитот – една од ретките студии на оваа тема.
„Пред да бидат објавени првите статии за целулит, никој не пишувал околу прашањето како од него да се решиме.“
Во меѓувоените години, во Франција дојде до изразит пораст во медиумската посветеност на целулитот. Париските салони за убавина почнаа да смислуваат лекови против оваа „напаст“. Женските магазини почнаа да ги исполнуваат страниците со стручни совети, а читателките во своите писма изразуваа сé повеќе загриженост. Според Гиџи, која анализирала повеќе француски модни списанија од тоа време, „дошло до одреден вид манија, манија која докторите и самите читателки дополнително ја разгорувале“.
На пример, месечникот Votre Beauté, кој во февруари 1933 година објави долг напис за целулитот, потпишан од „Dr. Debek“. Во него целулитот е опишан како мешавина од „вода, талог, токсини и сало“ со која не можеме да избориме. Според зборовите на авторот, тоа е зараза која не може да ја отстрани никаква вежба. Разбирливо, читателките веднаш почнуваат да пишуваат панични писма до уредникот. Во мај 1935, една од нив праша што е вистинската причина за оваа „болест“. Одговор: „Тое а пропаднато месо. Тоа е мешавина од вода и супстанци кои се послични на урината отколку на крвта или водата… Може да настане, на пример, на врвовите на бутовите, од премногу стегнат ремен кој ја нарушул циркулацијата на крвта“.
Долго време целулитот беше исклучиво француска грижа, но на крајот манијата сепак се прелеа и во странство, првенствено во САД. Тамошните архиви исто така сведочат за нејзиното ширење. Така, во април 1968 година, магазинот Vogue на насловна страна ќе напише: „Целулит, нов збор за салото од кое досега не можевте да се решите“. Како што пишува феминистичката новинарка Наоми Вулф во својот бестселер „Митот на убавината“ (1990), како последица на тој момент, на целулитот – инаку гледан како здрава кожа на возрасна жена, почнува да се гледа како на „состојба“.
Наскоро, како бумеранг, концептот на целулитот се враќа и на стариот континент.
Во старите времиња, убавината се доживувала како привилегија на оние кон кои Мајката природа била дарежлива. Денес, убавината е просто меритократски идеал т.е. цел која мора да се постигне со дисциплинирање на телото (и новчаникот). Меѓу март 2014 и февруари 2015, во Франција се продадени 919.108 анти-целулит креми, со нето заработка од 22.8 милиони евра (според податоците на IMS Health Pharmatrend). Во САД во 2015, индустријата за убавина оствари заработка од 18 милијарди долари, што е раст за 7% во однос на 2014 година.
Згора на сето тоа, на пазарот често се појавуваат научно-фантастични изуми за кои се тврди дека им помагаат на жените засекогаш да се решат од целулитот. На пример, вакуумските масажери или криолиполизата, која ја замрзнува вашата „гума за пливање“ околу стомакот. По указот на Францускиот национален совет за здравје од април 2011 година, пет од овие техники за замрзнување на салото беа забранети во земјата. Со овие нехируршки алтернативи на липосукција, пациентките се изложуваат на ризик од лезии, инфекции и осипи.
„Тоа што страшно ме иритира во врска со самото тоа е што целиот тој дискурс е практично фабрикуван од трговци кои сакаат да се збогатат“, вели Макс Лафонтен. Пред неколку години, во соработка со компанијата LPG Systems, тој ја тестираше машината Cell M6, која е многу популарна во салоните за убавина и која ја имитира масажата со триење која физиотерапевтите ја користат за отстранување на целулитот. „Докажав дека таа влијае на капацитетот за реакција на целулитното сало. Но нема ништо спектакуларно во тоа, зашто масното ткиво, дури и ако малку го промешате, одново ќе слегне штом прекинете со третманот“.
Лекцијата? Обидот да се ослободиш од целулитот му доаѓа како да бркаш некој додека трчаш на лента за трчање: никаде нема да стигнеш, а ќе ја потрошиш целата енергија.