Јадете ли ресана (или јафа кекс, кој како сака нека ги нарекува) погрешно цел живот? Веројатно не, ама има некои што јадат.
Тие некои кркаат по цел кекс одеднаш, или го гризат на половина (второво го викаат „метод на полумесечина“). Но тоа не е најдобриот начин за постигнување на максималната количина уживање при јадењето ресана. Оптималниот начин е тој што и вие веројатно цел живот го практикувате: Го гризете колачето во круг околу делот со желатин од портокал, па дури потоа го кркнувате и него.
Не дека постои статија што ќе ја прочитате и ќе ви ја промени таа навика, но поентата на оваа е баш спротивната – да потврди, од научен аспект, дека цело време сте (сме) биле во право.
Д-р Стјуарт Фаримонд – научник и експерт за вкусови на храна, објаснува дека методот со грицкање на ресаната во круг дава речиси идеална рамнотежа на киселкастиот портокал, горкото чоколадо и слаткиот бисквит. Во научната терминологија тоа го нарекува „хедонистичка точка на кршење“.
„Направивме серија од експерименти со цел да го откриеме најдобриот сооднос на чоколадо, желатин од портокал и пандишпан… Со оглед дека желатинот е концентриран во средината на јафа колачето, различните стилови на јадење резултираат со различни комбинации на овие три слоја и нивните вкусови“.
Како што веќе пишавме, резултатите покажале дека најдобриот метод е кружното грицкање, или како што го нарекува Фаримонд – „all-rounder метод“. Ако ептен не ви е по ќеиф, вториот најдобар метод е „полумесечевиот“, т.е. гризење на колачот на половина.
Патем, еве како Британците јадат ресана. Истражувањето покажува дека:
• 35% го јадат колачето во два наврата, со гризење на половина
• 28% го грицкаат колачето во круг, па потоа ја јадат средината
• 20% ја кркаат целата ресана одеднаш
• Само 6% од луѓето прво го јадат желето, па дури потоа сé останато.