Цаца Николовска: „Дај боже да се отвори Уставот пред пристапувањето во ЕУ и тогаш веројатно ќе има и некои други предлози“

Имало и предлози за други уставни измени освен внесувањето на Бугарите и другите народи, но немало ништо проблематично во тоа да бидат слушнати. Сепак, работната група не одлучувала по истите, изјави претседателката на телото – Маргарита Цаца Николовска.

„Имаше предлози, меѓутоа тие предлози само како предлози ги имавме предвид во однос на презентирање, а инаку не сме одлучувале по истите. Прво, заради тоа што е ова првенствена работа која што требало да ја завршиме, а второ, заради тоа што тие измени не биле на некој начин и побарани од нас. Меѓутоа, сепак, со оглед на тоа да имаше одредени презентации, немаше ништо проблематично во тоа да ги слушнеме, а кога ќе дојдат на ред, не се знае, во секој случај“, изјави Цаца Николовска, пренесува МИА.

Николовска вели дека „Уставот секако ќе се отвора“ а, како што рече, пожелно е тоа да се случи пред пристапувањето кон ЕУ.

„Дај боже да се отвори Уставот пред пристапот и тогаш веројатно ќе има и некои други предлози кои што одредени луѓе ќе сметаат дека ќе треба да се стават во Уставот. Има проблеми во Уставот, не е Уставот книга која што сѐ има решено, напротив. Меѓутоа, за тоа можеме дополнително да зборуваме“, рече претседателката на работната група за уставни измени.

Прашана дали доколку се изгласа потребата за промена на Уставот во Собранието и овие предлози стигнат до Уставната комисија а таму има одредени амандмани, повторно би се активирале како работна група, или таа како нејзин претседател, Николовска одговори дека не може да каже како понатаму ќе се однесуваат пратениците.

„Ова е нешто кое што ние го имаме како обврска. Тоа го направивме. Како понатаму ќе се однесуваат пратениците и Комисијата за уставни прашања, не можам да ви кажам. Во секој случај ќе бидете известувани, ќе знаете што ќе се работи, како ќе се работи“, уверува Николовска.

Извор/ФОТО: МИА

- Реклама -