„Учебниците се подготвени и се со одлчен квалитет. Учениците од 4 одделение ќе се радосни затоа што ќе имаат дигитални учебници и материјата ќе може да ја следат со мултимедија и со аудио. Исто така за прв пат имаме и инклузивни учебници, односно учебници со браево писмо. Тие ќе бидат дистрибуирани исто како и регуларните учебници“, истакна министерката за образование – Мила Царовска, во гостувањето во „Жешко политичко лето“ на ТВ „Канал 5“.
Царовска подвлече дека сите учебници се подготвени, набавени и навремено ќе бидат дистрибуирани и доставени до учениците. Подготвени се и апликациите за дигиталните учебници, од каде учениците ќе може да ги симнат потребните материјали, додаде таа.
„Од први септември ќе може да се симнат дигитални учебници на електронските уреди. Училиштата веќе имаат добиено и таблети за учениците од социјалноранливите семејство, а министерството испечати и 20 отсто од потребните учебници за четврто одделение за учениците и училиштата каде што нема можност да се користат дигиталните учебници“, истакна Царовска.
Одговарајќи на прашање за спојувањето на предмети, министерката оцени дека целиот случај за спојувањето на предметите историја и географија бил тенденциозен и исполитизиран. Според неа, сите научни дисциплини остануваат и ќе се учат, но дел од нив ќе се поврзуваат меѓу себе. На тој начин ќе им се овозможи на учениците подобро да ги разбираат контекстите и да размислуваат, како што рече, за нови работи и идеи.