Во интерес на вистината, како што самата вели, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска реагира на изборот на наслови во дел од порталите во врска со нејзиното гостување во емисијата „Детектор“. Според неа, дел од нив (можете да ги видите подолу) претставуваат целосно извртување на вистината.
Како што објаснува Царовска во својот Фејсбук пост, искажаното во емисијата – дека четиричлено семејство може да преживее со 17.000 денари, не е нејзин сопствен став, туку во емисијата таа ги цитирала заклучоците од два извора – синдикатите и Државниот завод за статистика, и тоа како параметри според кои треба да се креираат политиките (бидејќи не можат политики да се креираат врз претпоставки), како што рече и самата во гостувањето во „Детектор“.
Во продолжение на постот, Царовска ја наведува својата целосна изјава:
„Многу е субјективно за да може да кажеме колку би изнесувала. ‘Лајкин индикаторите’ кажуваат колку е. Вас ви требаат 203.700 денари на годишно ниво, четиричлено домаќинство со две деца до 14 години двајца возрасни. И тоа е речиси до минимална плата на месечно ниво. Тоа е како една пресметка. Ако одиме на синдикалната кошничка таа вели 32.000 денари, а тоа е два пати по ова што е тука пресметано. Но ако велиме квалитет на живот, којшто значи сѐ што ни недостига и сѐ што одредено семејство му треба и сака да го прави, таа може да оди многу повеќе. Но не можеме да дискутираме и да креираме политики врз база на претпоставки. Сепак оние бројки кои што ги пресметува или синдикатот или Статистика како ‘лајкин индикатор’ треба да се основа за креирање на политики“.