Министерката за образование и наука Мила Царовска, претставници од Бирото за развој на образование и професори од сите нивоа на образование од областа на уметностите: основно, средно и високо, денес учествуваа на онлајн дебата којашто е дел од јавната расправа за нацрт-концепцијата за основно образование. На состанокот биле кажани предлозите и коментарите на професорите од уметностите во врска со предложените реформи, но и било констатирано дека реформите се неопходни, соопштија од Министерството за образование.
На дебатата, министерката Мила Царовска истакна дека реформите требало да се случат уште пред десетина година и дека не се брза со новиот концепт, туку напротив – веќе доцниме.
„За прв пат во последната деценија во нашата држава во делот на образованието се прават реформи на исклучително транспарентен начин и со вклученост на сите страни“, рече таа, уверувајќи дека ќе се најде баланс во предлозите со цел да се направат реформи во најдобар интерес на децата.
Со предложената концепција, рече Царовска, се дава слобода на наставниците од уметностите во држењето на наставата и внесување на овие предмети и во првите два развојни периоди, што не е случај сега. Таа соопшти и дека Министерството/Владата започнуваат со вложување и опремување на училиштата во кабинети и други простории, кадешто учениците ќе може низ практична настава да се запознаат со предметите и да се стекнат со знаења.
Царовска истакна дека секаде во светот рамката за Нацрт-концепцијата ја изработуваат педагози и психолози – што е првата фаза, а потоа во пишувањето на наставните програми – што се втората фаза, се вклучени професори и наставници од посебните области коишто се вклучени во наставата.
Од МОН остануваат на ставот дека нема недостиг од јавна дебата околу контроверзната концепција, посебно околу предметот историја, за што реагираа и највисоките научни институции:
„Министерството за образование и наука ги продолжува дебатите и консултациите за Нацрт-концепцијата. Од средината на минатиот месец до сега за предложената реформа беа консултирани сите засегнати страни, претставници од релевантни институции, универзитетски професори, над 4000 наставници, но и родители и ученици. Вебинарот за презентација на нацрт концепцијата го следеа сите директори на основните училишта и по еден предметен односно одделенски наставник, односно околу 1000 лица. Презентацијата поставена на Јутјуб ја имаат прегледано над 16.000 лица. Две посебни презентации за родители и ученици од училишта со македонски и албански јазик. Во дебатата за концепцијата од самиот почеток се вклучени раководството на СОНК и регионалните претставништва на СОНК и меѓународни организации и институции како УНИЦЕФ, Светска банка, УСАИД, британска, швајцарска, делегација на ЕУ. Сите изразија поддршка затоа што реформите треба да резултираат со квалитетно основно образование.
Одржана е и онлајн конференција со професори, наставници, претставници на ликовната, музичката и драмската дејност. Реализирани се средби и дебати со студентското собрание и професори на ПМФ.
Концепцијата е објавена на веб страницата на МОН со цел најшироката јавност да биде вклучена во креирањето на новиот концепт за основно образование, врз основа на демократското начело. Секој може да достави свои забелешки, коментари и предлози до 20 овој месец. Целиот овој процес се прави во најдобар интерес на учениците и затоа го спроведуваме максимално транспарентно, вклучувајќи ги националните институции, граѓанските организации, социјалните партнери како и експертите за образование и професионалци од праксата.
Никој не е изоставен од овој широк консултативен процес, бидејќи целта ни е да обезбедиме целосна транспарентност на носењето на концепцијата и вклученост на сите страни.
Самата нацрт концепција е направена врз основа на анализи, меѓународни и домашни истражување и експертски мислења и ставови од наставници кои посочуваат дека се потребни реформи во основното образование, што значи дека од самиот почеток на подготовка на концепцијата се прави во широка и консултативен процес.
Концепцијата е дел од Стратегијата на МОН за периодот 2018-2025 година, предвидена е со Законот за основно образование донесен пред околу една година и е дел од владината програма“, посочуваат од Министерството за образование.