Со бројот на заплени, кој е зголемен за 29 отсто во споредба со 2022 година, Царинската управа лани за различни кривични дела поднела и вкупно 51 кривична пријава, што е, како што информираат оттаму, 60 отсто повеќе од претходната година
Вкупно 105,4 килограми марихуана, 126 литри прекурсори и 66 144 парчиња лекови биле запленети во 2023 година кога бројот на случаи на спречен шверц и нелегална трговија бележи раст од 29 проценти во однос на претходната година, соопштија денеска од Царинската управа.
„Еден од главните приоритети е нула толеранција кон шверцот и организираниот криминал. Видливите резултати во овој дел значат просперитет и значат побрз влез во ЕУ, а резултати веќе има – заплените во 2023 се зголемени за точно 29 проценти, а поднесените кривични пријави за 60 проценти“,
вели директорот на Царинска управа, Стефан Богоев.
Меѓу заплените реализирани во текот на минатата година, за кои информираше Царината преку соопштение објавено на нејзината официјална интернет-страница, се и оние на девизи во вкупна вредност од 438 илјади евра, средства кои во Најодморната банка и во Буџетот на РСМ.
Лани запленети биле и транспортни возила, специјално конструирани за шверц, а во еден од случаите со судска одлука биле одземени 17,7 тони тутун во лист, товарно возило – влекач и полуприколка во вкупна вредност од 7 милиони денари или околу 114 илјади евра.
Со акцијата во декември, во која беа запленети 126 литри прекурсори за производство на дроги, од Царинската управа велат дека била разбиена посериозна мрежа која имала лабораторија на територијата на државата. Против едно лице во случајот била поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, кому од страна на надлежен суд му била одредена и мерка притвор.
Кривични пријави, како што информираат од Царината, се поднесени и против сторители за шверц на 50 тони дизел-гориво декларирано како базно масло, а кое било транспортирано во две товарни возила – цистерни.
„За различни кривични дела во 2023 година беше поднесена вкупно 51 кривична пријава, што е за 60 проценти повеќе од 2022 година“,
се наведува во соопштението од Царината.
Така, за кривичното дело криумчарење се поднесени 15 кривични пријави против 16 физички лица; за неовластено производство и пуштање во промет на наркотици Царината поднела пет кривични пријави против седум физички лица, додека за даночно затајување три кривични пријави против три правни и исто толку физички лица.