Трипуновски: Земјоделците имаат две години за прилагодување на новите услови

3

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, во своето излагање на настанот „Наткаст“ потенцираше дека основната цел на новите измени во програмата е зголемување на производството во земјоделството.

„Едно од клучните новини во Програмата е зголемувањето на границите за тоа кој може да добива субвенции. Површината за овошните и лозовите насади ќе се зголеми од 0,2 хектари на 0,5 хектари, додека за полјоделските култури, таа од 0,5 хектари ќе премине на 0,7 хектари. Во делот на сточарството, досега се субвенционираа само една или две крави, но сега субвенционирањето ќе започнува од третата крава па нагоре“, истакна министерот.

Реклама

Тој додаде дека за овчарството минималниот број на грла останува 30, додека за козарството, прагот се зголемува од 10 на 30 грла. Во случајот со пчеларството, минималниот број на пчелни семејства ќе се зголеми од 10 на 30.

Министерот Трипуновски нагласи дека сите земјоделци кои во моментов се под тие прагови или ќе бидат во следните две години, нема да бидат исклучени од субвенциите. „Сите оние кои досега добивале субвенции, а сега се под новите прагови, ќе имаат преоден период од две години. На пример, ако лозар има 0,2 хектари лозов насад и досега користел субвенции, и покрај тоа што новата Програма предвидува минимум од 0,5 хектари, во 2026 и 2027 година ќе продолжи да ги добива истите субвенции. Сепак, од 2028 година, правото на субвенции ќе може да оствари само доколку достигне прагот од 0,5 хектари“, појасни Трипуновски.

Преодниот период од две години, како што нагласи министерот, е создаден со цел земјоделците да се прилагодат на новите услови и да се зголеми производството во земјоделството.