Трифун Костовски: Платите од 500 евра нема да паднат од небо, а ни од НАТО и ЕУ

Изговорите на премиерот дека Владата била фокусирана на прашањето за името, а допрва (ќе) се фокусира на економијата, „која нималку не е розова“, се смешни, вели Трифун Костовски во гостувањето во емисијата „Тренд анализа“ на „Телевизија 24“.

„Ви се молам, влада од 24-25 министри, заменици министри, вицепремиери, а да нема кој да ги води тие работи, се малку смешни“, потенцира Костовски.

„Заменивме една влада и добро е што си замина, сите почувствувавме олеснување. Честитки за оваа влада што го реши прашањето за името со нашиот јужен сосед. Дали сме задоволни или не, нема задоволна страна. И двете страни испаднаа победници“. Но, тоа не може да биде изговорот за несработеното на полето на економијата, смета Костовски.

Конкретно за предизборно ветуваната плата од 500 евра, Костовски смета дека ќе ја имаме кога ќе ја заработиме.

„Говориме за просечна плата од 500 евра… Таа плата треба да се заработи, треба да се направат тие пари. Треба многу да се вложи: ум, напори и да се инвестира во нешто што се вика потенцијал; Прво во човечки кадар, второ – во идеи, и како тоа да го направиме. Бидејќи, свесни сме, парите на гранка или на дрво не раснат и не паѓаат одозгора, туку треба да се заработат. Ако граѓаните очекуваат со влегување во НАТО и ЕУ дека овде ќе биде се мед и млеко, тоа се најголемите лаги. Затоа сакам да упатам една работа: помалку избори, помалку зборување, повеќе работење“, порача Костовски од самиот почеток на емисијата. Целата можете да ја гледате ТУКА.

- Реклама -