Македонскиот фудбалски репрезентативец Иван Тричковски е пред трансфер во белгискиот гигант Клуб Бриж откако АПОЕЛ се согласил да го продаде за отштета од еден милион евра, информира кипарскиот сајт kerkida.net.
Раководните луѓе на Клуб Бриж повеќе од една година ги следат настапите на Тричковски и се обидоа да го купат и во зимскиот преоден рок но тогаш АПОЕЛ ја одби нивната понуда. Главниот скаут на Клуб Бриж, Ченк Хауард, неколкупати во живо ги следеше настапите на Иван Тричковски во Лигата на шампионите, на мечевите против Лион и против Шахтјор Доњецк, а сега конечно е постигнат договор со раководството на АПОЕЛ за негова преселба во Белгија.
Претходно, за услугите на популарниот Тричко се интересираше и Локерен, а во изминатите денови во трката се вклучи и новиот италијански прволигаш Торино. Сепак, се чини дека Клуб Бриж ќе го добие Иван Тричковски, иако во фудбалот ништо не е готово, кога се трансферите во прашање, сè додека не се стави потпис на договорот. Само да потсетиме дека Тричко беше на преговори и со Рубин Казан во Русија и беше најавен како ново засилување, но на крајот преговорите пропаднаа.
Тричковски, како што информира kerkida.net, во текот на утрешниот ден патува за Скопје, со оглед дека тој и неговата сопруга очекуваат принова, а за неколку дена треба да замине за Белгија и да ги договори личните услови со Клуб Бриж. Се споменува сума од 1,2 милиони евра за двегодишна верност кон Клуб Бриж, но за тоа сепак ќе треба да се почека сè додека тој не стави потпис на договорот со својот иден клуб.