Тетовирање за прв пат додека си тинејџер е ужасна идеја. Помислете само на сите оние други работи што сте ги правеле како тинејџер. Размислете дали како возрасна особа би залепиле дволитарски шишиња со пиво на раката и би ги држеле залепени додека не ги докрајчите и двете?
Истото важи и за тетоважите: на 30 нема да ви биде драго што сте одлучиле на кожата вечно да врежете портрет од Tom DeLonge од Блинк 182. Или оној болно искрен цитат за сите прашања кои ве мачеле за животот како ученик во средно.
Сем Лејзел и Рози Еванс се тату мајстори со свое тату студио во Лидс по име MVL Tattoo. Добро се запознаени со вообичаените наивни први тетоважи, зашто од нив често бараат да им ги покријат тие срамни грешки. „Темелно подгответе се“, вели Рози додека на левата рака на клиентот тетовира глушец што се качува на череп. „Добро проверете ја личноста што ви ја прави првата тетоважа. Морате да бидете запознаени со се што прави и колку е вешта. Да видите дел од нивните тетоважи исто не е лоша идеја“.
Сем само потврдува со главата и се согласува: „Така е, мене не би ми било тешко да отпатувам некаде за да го истетовирам она што го сакам. Ако навистина ви се допаѓа нечија работа, но тој некој живее на другиот крај од светот, не е тешко да набавите карта за патувањето. Подобро да отидете кај некој што го работи она што знаете дека ви се допаѓа, отколку да го терате вашиот локален тип да го имитира“.
„Не би ве советувала самите да го цртате дизајнот и да го однесете кај тату мајсторот“, вели Рози. Според неа, тоа е како да одите на забар, а веќе самите сте ја завршиле половина работа. Дозволете му на уметникот да ви го разубави цртежот затоа што добра слика на хартија, не секогаш изгледа добро и на кожата“.
И Рози и Сем се согласуваат дека тетовирањето додека сте на летување со друштво никогаш не завршува добро, а и не само затоа што ќе бидете пијани додека го правите изборот. Плажата, сонцето и водата не ја нудат потребната нега по тетовирањето.
Е па, откако слушнавте малку мудрост од прва рака, еве и неколку животни лекции.
Мака (26)
За се беше крив другар ми Грег. Двајцата имавме 18 години и се запивме денски. Одлучивме да поспиеме пред да излеземе. Се разбудив со раката преку лицето и го здогледав зборот „STEAMER“ (тенџере за готвење на пареа) на зглобот. Не беше напишан макар ни праволиниски. Се обидов да се избришам со триење, а потоа сфатив што сум направил. Го разбудив Грег, а тој започна да се смее зашто ја имаше истата тетоважа.
Кез (23)
Кога имав 18 години, си седевме во едно напуштено сиропатилиште. Имавме спреј и некој нацрта некаков цртеж на ѕидот. Зашто имавме 18, ни беше урнебесно смешно и сите започнавме да го цртаме истото – натртено момче на кое му испаднале мудата. Една ноќ се испијанивме и реков „Јас ова ќе го истетовирам“, а потоа истото го направив. Тогаш беше смешно, но сега имам ќерка. Не можам веќе да си дозволам да го носам тоа.
Мојот совет би бил: размислете малку подобро за се. Ако имате некоја идеја, потрудете се да прнајдете добар уметник што ќе може да ја реализира.
Беки (27)
Првично самата го направив цртежот, многу едноставно срце што го сакав на зглобот. Тоа дефинитивно беше главно за време на емо епидемијата во 2007-та година. Тогаш имав 19 години и често висев во тату студио бидејќи излегував со мајстор за пирсинг. Претпоставувам дека сите тие луѓе прекриени со тетоважи имаа влијание врз мене – одлучив дека и јас морам да си направам една.
Кога однесов цртеж ми рекоа: „Малку ќе го дотераме“ да биде поубав. Кога се вратив цртежот се претвори во исенчен црно-црвен дизајн. Практично се согласив на него само затоа што бев млада и глупа, окружена со кул луѓе со многу тетоважи. Очигледно сакав да станам дел од таа екипа.
До сега имав шест сесии со ласер и се чувствувам како истовремено да ме бодат со жешка игла и ме пржат со врело масло. Тетоважата речиси сосема исчезна.