Три лица се сослушани, за едно се предложени мерки за претпазливост, вели државниот јавен обвинител по претресите во повеќе градови

Тој рече дека засега е многу рано да се зборува за тоа дали имаат доволно докази за да се покрене обвинение бидејќи вели оти се работи за предистражна постапка

Три лица се сослушани пред јавен обвинител, а за едно од нив е предложено мерки за претпразливост. Се надеваме дека судот ќе го уважи нашето барање, вели државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во врска со вчерашната акција за претреси во неколку градови.

„Во моментов само што ме известија, сослушани се три лица пред јавниот обвинител, со тоа што за едно лице е предложено мерки за претпазливост, за одземање на патната исправа и за јавување во судот, односно друг државен орган во одреден период. И се надеваме дека судот ќе го уважи нашето барање“,

рече Коцевски во вечерашното гостување на МТВ.

Тој рече дека засега е многу рано да се зборува за тоа дали имаат доволно докази за да се покрене обвинение бидејќи вели оти се работи за предистражна постапка. 

Коцевски вели дека во текот на вчерашниот ден од страна на Министерството за внатрешни работи (МВР) до Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција било доставено известување, а по претходно собрани одредени податоци од страна на Управата за јавни приходи (УЈП) за кривичните дела даночно затајување, даночна измама и за перење пари.

„Јавното обвинителство веднаш постапи, оформи предмет и до судот достави барање за издавање наредби за претрес во одредени градови и во одредени фирми и домови. Со тоа што беше успешна акцијата, се прибавија одредени материјални докази и одредени компјутерски материјали“,

рече Коцевски. 

По вчерашните претреси во фирми во Скопје, Струмица и во Гостивар денеска од Министерството за внатрешни работи потврдија дека четири лица биле задржани во полициска станица.

Според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, станува збор за епски криминал.

Тошковски денеска рече дека првичните информации се оти станува збор за милионски суми кои се последица на неколку кривични дела, даночно затајување, даночна измама и перење пари.

- Реклама -