Три лица кои вчера беа уапсени на протестите во Белград добија затворски казни

Претставници на повеќе еколошки здруженија и невладини повикаа на нови протести по ваквиот расплет на ситуацијата

Тројца активисти на организацијата „Не дамо Јадар“ добија затворски казни од 40 и 30 дена за нарушување на јавниот ред и мир во Србија. Активистите беа уапсени на масовните протести кои се случија вчера во Белград кога десетици илјади луѓе се собраа во центарот на градот против ископувањето на литиум на покана на еколошки здруженија и движења, барајќи од владата да го донесе Законот за трајна забрана за геолошки истражувања и експлоатација на литиум и бор во Србија.

„Ова очигледно не е судиска пресуда, некој одозгора донесе пресуда, а тие се само личности кои извршуваат туѓи наредби“,

рече Златко Кокановиќ од „Не дамо Јадар“.

За денеска се најавени нови протести, а организаторите побараа граѓаните да излезат во што е можно поголем број оти, како што велат, државата се претвора во „Северна Кореја“.

Претходно денеска, српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека протестот на „Теразије“ помина во демократска атмосфера, но не и блокадите на двете главни железнички станици.

„Самиот собир помина во демократска атмосфера, што е многу важно за нашата земја, сè беше како што треба. Меѓутоа, како што заврши собирот, се случија работи што ги очекувавме затоа што секој ден кога се заканувате, имате ситуација кога преовладува насилство, а тоа е извршување на тешки кривични дела. Заземањето на меѓународната железничка станица ‘Прокоп’, станицата во Нов Белград, запирањето на автопатот и работата на самиот мост ‘Газела’ не беа придонес за демократијата, туку исмејување на демократијата како политички режим и спроведување насилство и терор на малцинството врз мнозинството“,

изјави Вучиќ.

Според него, целта на протестот е уништување на српското стопанство и нагласи дека запирањето на економијата не е решение. Вучиќ посочи дека решение може да се постигне преку разговор, додавајќи дека на разговор повикал и претставници на опозицијата, но тие не дошле. Притоа, порача дека ќе оди да разговара со народот.

„Ќе одам да разговарам со народот. Ќе одам во Лозница и Крупањ, ќе одам на секое место. И нема да правам големи митинзи за да ви покажам колку луѓе можам да соберам. Ќе одам да разговарам со оние што мислат поинаку, со обичните луѓе, да зборувам за нивниот страв. Дали луѓето во Србија мислат дека сум глупав и луд дека ќе направам нешто против мојата земја и мојот народ?“,

праша Вучиќ.

Министерот Ивица Дачиќ, кој заедно со Вучиќ ѝ се обрати на јавноста, рече дека МВР создало услови за функционирање на железничкиот сообраќај без употреба на сила и дека нема повредени.

Тој кажа и дека се приведени 14 лица, како и двајца странски државјани, против кои ќе бидат поднесени кривични и прекршочни пријави. 

Демонстрантите на масовниот протест синоќа ја блокираа железничката клучка во Прокоп во Белград и железничката станица во Нов Белград, а привремено беше блокиран и автопатот низ главниот град што води кон Ниш и Загреб.

- Реклама -