Историјата е полна со важни примери на значајни политички протести, но некои од нив се одамна закопани во заборавот. Денес ќе поправиме дел од неправдата.
Штрајкот на универзитетот во Париз во 1229: Еден од првите академски протести во историјата
Многу од средновековните институции за високо образование беа длабоко етаблирани од кралска поддршка, во смисла дека нивните позиции, права и начини на работење беа прилично непроменливи и силно зацврстени преку влијанието на кралскиот двор. Кралот на Франција, на пример, по една масовна тепачка во таверна во 1200-тата година, на студентите од Универзитетот во Париз (т.е. Сорбона) им даде големи привилегии и имунитет од секуларно кривично гонење. Неговиот внук, сепак, триесет години подоцна, не размислуваше како него. Кога во 1229-тата се случи уште еден насилен инцидент, кој доведе до егзекуција на еден студент (повеќе детали тука, ако многу ви се чита), кралот Луис IX не го поддржа студентското право на исклученост од кривично гонење од кралските авторитети. Кралските војници, во име на мајката на Луис (кралицата), нападнаа група невини студенти.
Како одговор на тоа, студентите и универзитетот започнаа 2-годишен штрајк. Не сите си ги спакуваа куферите, за волја на вистината; учителите од Доминиканскиот ред кои предаваа на универзитетот – останаа. Сепак, тие што се решија да штрајкуваат си заминаа по други универзитети (Тулуз и Оксфорд, на пример), земајќи ги своите финансии, престиж и интелектуален капацитет со нив. Со таквиот чекор толку ја оштетија париската економија и репутација, што Луис IX попушти и во 1231 им даде целосно право на самоуправа. Тоа беше пресудниот чекор нештата да се вратат во нормала.
Побуната на Морант Беј во 1865: Трагична борба за слобода
Иако до 1833-тата година Британската Империја практично го имаше забрането ропството во најголем дел од своите територии, „обоените луѓе“ во земјите под нејзино владеење и понатаму беа недвосмислено опресирани. Британците немаа никакво почитување за црнците во Јамајка, на пример, одрекувајќи им го правото на поседување на својата сопствена земја. Дополнително, легислативата во 1830-тите и 1840-тите целосно ги поништи гласачките права на Јамајканците, а беше и посветена на криминализација на црните луѓе. А кога заради преголемите даноци настана рецесија, цените вртоглаво пораснаа и беше неможно луѓето да си дозволат основни намирници. Јамајканците се бунеа преку писма до кралицата Викторија, но најголем дел од овие писма беа редовно пресретнувани од јамајканскиот гувернер (Британец, нормално) и никогаш не стигнаа до саканата дестинација. А и тие што стигнаа, не многу ја загрижија кралицата Викторија, која потполно ги игнорираше повиците за помош на луѓето од Јамајка.
Тензиите кулминираа на 11 октомври 1865 година, откако еден локален жител беше неправедно затворен. Црните Јамајканци, предводени од баптистичкиот свештеник Пол Богл, откако одржаа бројни јавни средби и испратија куп петиции до британските власти во земјата, маршираа кон локалната полициска станица и судот. Се собра голема толпа, а британските власти беа немилосрдни – полицијата отвори оган и уби седум Јамајканци. Како одмазда беа запалени неколку згради на британските институции и притоа настрадаа и неколку официјални лица. За возврат, гувернерот масакрираше 439 црни Јамајканци, многу други беа осудени на доживотен затвор, а стотици други беа затворени и егзекутирани.
„Trail of Broken Treaties“: Протест на Индијанците за остварување на нивните домородни права
Во 1972 година, упорна група од околу 600 Индијанци и/или активисти маршираа низ земјата и организираа протест со цел да го привлечат вниманието на федералните власти кон проблемите со кои се соочуваше нивната заедница. Проблемите кои Американското индијанско движење (American Indian Movement, AIM) сакаше да ги адресира пред тогашниот претседател Ричард Никсон се однесуваа на нивното право на враќање и заштита на нивната земја, и правото на чиста вода. Нивните барања беа наведени во документ со 20 точки.
Протестното движење кулминираше со еднонеделна окупација на Бирото за односи со Индијанците во Вашингтон. Но Никсон никогаш не се сретна со демонстрантите, а напорите на движењето AIM да привлече јавно внимание кон проблемите на Индијанците целосно пропаднаа, пред сé затоа што медиумите и тогаш, како и обично, се фокусираа на други несуштински аспекти од нивниот протест.