Трамп: Белата куќа ја водат фашисти, комунисти и марксисти

Според него, демократите направиле државен удар со тоа што го повлекле Бајден од претседателската трка, а на негово место ја ставиле Камала Харис, само неколку месеци откако милиони гласачи го дале гласот токму за него

Поранешниот американски претседател и кандидат за иден мандат од Републиканската партија Доналд Трамп смета дека сега одлуките во Белата куќа ги носат група фашисти, комунисти и марксисти. Ваквата изјава тој ја даде во интервју за „Фокс њуз“, посочувајќи дека за разлика од него, тие се закана за демократијата во САД.

Трамп во интервју на „Фокс њуз“ / Фото: Принтскрин

„Погледнете што направија. На Бајден му ја одземаа кандидатурата како да е мало дете. Му ја одземаа и претседателската функција. И неговата сопруга не сакаше да се случи тоа“,

рече Трамп.

Според него, демократите направиле државен удар со тоа што го повлекле Бајден од претседателската трка, а на негово место ја ставиле Камала Харис, само неколку месеци откако милиони гласачи го дале гласот токму за него.

На прашањето кој ја води САД додека трае претседателската кампања, Трамп одговори:

„Група луѓе кои се фашисти, комунисти и марксисти. Тие кружат околу Овалната соба и Министерството за правда“,

вели тој.

На следното прашање, зошто смета дека Бајден не ги носи големите одлуки во Белата куќа, Трамп рече оти “тој не знае ниту дека е жив“.

Според него, земјата треба да се врати по разумниот пат, бидејќи Демократската партија, како што рече носела луди чекори.

Трамп посочи дека републиканците се борат за ниски даноци, добро образование и остварување на американскиот сон за помладите генерации.

На митингот во Пенсилванија пред околу две недели, Трамп заврши со повреда на увото, откако 20-годишниот Томас Метју Крукс пукаше кон него, качен од покрив на објект во близина.

Нападот на Трамп отвори низа сомнежи за можни проспусти во постапувањето на обезбедувањето, луѓето од кампањата и безбедносните служби.

- Реклама -