Тракторот на Мурат

Мурат Карлиоглу (30) живее на село, работи на нива, вози трактор, и рока народно „со отворени прозори“ на звучници со вкупна вредност од 2.000 долари. Можеш да го чуеш од километар, буквално.

Доаѓа од турското село Назили и многу сака да слуша музика додека работи на нивата, очигледно. Веќе долго време имал солидно озвучување на тракторот, ама никогаш не бил задоволен со звукот. Откако конечно заштедил нешто пари (7.000 лири), решил да ги инвестира (?) во кастомизиран музички систем каков што би очекувал да ти монтира Егзибит во неговото „Pimp my Car“ на MTV.

Како што е Егзибит ѕвезда во рап музиката, така е и Мурат во Назили. Додуша пред да стане селебрити, селаните морале да ја поминат неизбежната фаза на навикнување, зашто го слушаат секој ден кога оди и се враќа од нива. Денес на повеќето воопшто не им пречи, башка што Мурат им пушта популарни турски песни кои сите ги сакаат (нека не ве лаже кожњакот).

Сепак, најголем фан на Мурат му е кучето Џеси. Откако го има ставено озвучувањето, Мурат и Џеси се како пират со папагал на рамото.

Мурат ги доживува своите пет минути слава, а тоа може да му отвори и нови врати за бизнис. По вниманието што го доби од локалните и националните турски медиуми, сега размислува да го издава тракторот за свадби и други веселби.

 

Која легенда, човече.

- Реклама -