Трајче Заев: Комбето од акцијата на МВР не е во сопственост и нема вработен во фирма на Заеви меѓу уапсените

„Два дена по ред следам како еден политички субјект исклучиво заради сопствени политички цели се обидува да го извалка моето име и името на компаниите во сопственост на Заеви“, обвини денеска Трајче Заев – бизнисмен и братучед на премиерот Зоран Заев, преку Фејсбук, адресирајќи ги тврдењата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека, во крајна линија, семејството Заеви се директно вмешани во трговијата со дрога во државата.

Трајче Заев демантира дел од нивните наводи.

„За да биде јасно на целата македонска јавност, а посебно да се знае за злонамерната цел на политичката партија вмро дпмне сакам да го објавам следното: 1. Споменатото комбе од акцијата на МВР не е сопственост на фирма на Заеви. 2. Ниеден од уапсените не е вработен во ниедна фирма на Заеви“, порача тој.

Заев демантира и дека неговото отсуство од државата е поврзано со заплената на марихуана вредна над 800 илјади евра, како што сугерира опозицијата. Како што објаснува, тој е на службено патување во Обединетите Арапски Емирати уште од 23 март, со цел, вели тој, „проширување на работата на нашите компании, отварање на нови пазари за нашите домашни македонски производи и стекнување на нови партнери за соработка“.

„Пропадна уште една гнасна лага на ВМРО-ДПМНЕ фејк њуз, нема никава поврзаност на семејството Заеви со акцијата за заплена на дрога“, се огласија од СДСМ по демантот од Трајче Заев.

„Неможејќи да се соочат со фактот дека патот на правдата во државата и е чист, дека институциите борбата против корупцијата ја водат бескомпромисно, ВМРО-ДПМНЕ ги засилува лагите и шири класични невистини и преку своите партиски мегафони. Пробаа да наштетат на сложена полициска истрага и акција, но не успеаа. Сега повторно пробуваат да конструираат невистина за голема полициска професионална акција во соработка со ДЕА во којашто е запленето големо количество марихуана и повторно нема да успеат. ВМРО-ДПМНЕ фејк-њуз предводена од Мицкоски по којзнае кој пат фатена во лага. Ниту комбето кое го спомнуваат, ниту било кој од приведените во акцијата имаат каква било поврзаност со семејството на претседателот Зоран Заев“, порачаа од владејачката партија.

Во меѓувреме, и Министерството за внатрешни работи, за „Телевизија 24“, соопшти дека комбето во кое се пренесувала дрогата не е во сопственост на фирма на Заеви.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинуваат дека дрогата ја превезувал возачот на Трајче Заев – Александар Ушилковски, кој на јавноста ѝ е познат, велат, како оној што на сред „Рекорд“ во Скопје шерифски паркираше најнов Мајбах и ги товареше кесите од шопингот на неговиот шеф. Според нив, комбето е во сопственост на фирма партнер на Трајче и Бобан Заеви.

ВМРО-ДПМНЕ обвинува и дека уапсениот командир на Полициска станица Прилеп – Кире Чипсио Спиркоски, е важен кадар на СДСМ, Оливер Спасовски и Зоран Заев.

„Запленетата дрога била превезувана во бело комбе со грчки таблици, на име на фирма која што јавно прашавме дали има партнерски односи со фирма на Заеви? Ова го изнесовме како информација пред неколку дена, што вчера за ова комбе со грчки таблици потврди вчера и Јавното обвинителство во свое соопштение.

Дрогата доаѓала директно од фирмата ‘Медикал 420’ од Битола, фирма чија лиценца ја потпиша и одобри лично Зоран Заев како премиер, каде што при увидот според наши информации фалеле над 10.000 стебла со марихуана, односно тоа се повеќе од 200 килограми марихуана. Секое стебло мора да има свој евидентен број, а овде фалеле над 10.000 стебла замислете колкава е таа бројка.

Дополнително сакам да ја потсетам јавноста, дека Трајче и Бобан Заеви се сопственици на фирма основана во 2019 година во Петрич со име ‘Медикал 420 БГ’. Дали е ова случајност со овие две фирми или има и поврзаност? Тоа треба да одговорат од власта и од нарко картелот Заеви и тоа што побрзо“, порача на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ – Димче Арсовски.

Демантот на Трајче Заев, меѓутоа, се најде под силна лупа на опозицијата. Така, на пример, порталот „Експрес.мк“ тврди дека Заев не одговорил директно на прашањата што ги постави најголемиот политички опонент на актуелната власт.

„Заев експлицитно не негира дека е уапсен неговиот шофер кој се гледа на фотографијата од неговиот Мајбах во центарот на Скопје како товари подароци во возилото.

Заев не негира дека дека некој од уапсените во операцијата на Јавното обвинителство и ДЕА е негов возач. Каде е вработен човекот за кој ВМРО-ДПМНЕ вели дека го вози Трајче Заев е прашање за кое Бизнисменот веројатно ќе треба да објасни во друга реакција.

Вториот демант на Трајче Заев се однесува исто така на прашање кое не беше поставено од ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата на портпаролот Димче Арсовски; Трајче Заев не демантира дека комбето во кое се пренесувала дрогата е на партнерска фирма на кланот Заеви, како што тврди ВМРО-ДПМНЕ, туку вели дека комбето не е сопственост на компанија на фамилијата од Струмица“, пишува „Експрес.мк“.

„Овој нарко картел Заеви, како и секој друг нарко картел во светот, треба веднаш да се разбие и да заврши во затвор. Конечно државата треба да се одземе од рацете на мафијата и да се врати во рацете на граѓаните“, порачаа Арсовски и ВМРО-ДПМНЕ.

- Реклама -