Трајановски ја презеде директорската функција во ЈПДП, Рустеми му кажа дека претпријатието го остава во перфектна кондиција

Рустеми велејќи дека претпријатието го остава во перфектна кондиција и со извонреден перформанс, во објавата пишува дека може да се пофали со успешен мандат во кој имало високо ниво на исполнување на годишните програми и рекордно ниво на реализација на капиталните инвестиции во државата

Новоназначениот в.д. директор на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Коце Трајановски ја презема функцијата од неговиот претходник Ејуп Рустеми. За примомпредавањето на функцијата новиот и стариот директор информираа на своите профили на Фејсбук.

Трајановски во објавата најави дека ќе работи чесно и посветено се со цел да се реализираат што повеќе проекти, кои ќе ги подобрат условите за живот на граѓаните.

Рустеми, пак, велејќи дека претпријатието го остава во перфектна кондиција и со извонреден перформанс, во објавата пишува дека може да се пофали со успешен мандат во кој имало високо ниво на исполнување на годишните програми и рекордно ниво на реализација на капиталните инвестиции во државата.

Тој наведува и дел од проектите на кои работеле. Според него, во текот на неговиот мандат од ноември 2020 година, драстично било зголемено нивото на капиталните инвестиции, при што, како што пишува Рустеми, во 2023 година имало над 400 милиони евра инвестиции.

„Остваривме рекордни инвестиции во нови модерни патишта, како и рекордна година на приходи од наплата на патарини. Меѓутоа, ова беше и историски мандат, минатата година започнавме со реализација на најголемиот инфраструктурен проект во современтата историја на државата – изградбата на автопатите на Коридорот 8 и на Коридорот 10-д“,

напиша Рустеми.

Коце Трајановски е назначен за в.д. директор на Јавното претпријатие за државни патишта од страна на новиот Управен одбор кој го разрешил досегашниот Ејуп Рустеми.

Трајановски последна јавна функција што ја извршуваше беше градоначалник на Скопје, кога во 2009 година на локалните избори го победи Трифун Костовски. Градоначалничкиот мандат во Скопје му траеше до 2017 година, кога на локалните избори загуби од Петре Шилегов.

Претходно, до 2005 година, Трајановски беше градоначалник на Општина Гази Баба.

- Реклама -