Трагедијата на цепелинот Хинденбург

VgeBHxvqPGzQxCkqZupq[1]

Откако цепелинот Хинденбург ја отвори новата сезона на летање комплетирајќи тура до Рио де Жанеиро, во март 1937, на 3 мај истата година полета од Германија за Њујорк. На балонот имаше 36 патници, 14 стјуарди, 22 механичари и 25 пилоти. Во багажниот простор имаше 900 килограми куфери и 2 кучиња. Капетан на цепелинот е Макс Прус – искусен пилот, ветеран од Првата светска војна.

По 77-часовниот лет, на 6 мај Хинденбург стигнува во Њујорк, каде на набљудувачката платформа на Емпајр Стејт Билдинг го очекуваат многу љубопитни Њујорчани, вклучувајќи и новинари. Цепелинот прави една тура над градот и се упатува кон базата каде што треба да слета. Оттаму одбиваат да му дадат дозвола за приземјување поради лошото време, а цепелинот некое време останува да лебди во воздухот, очекувајќи дозвола.

Околу 19 часот, конечно ја добива, па Хинденбург се спушта до 180 метри. За време на приближувањето кон пистата за слетување се појавува силен страничен ветер и капитенот дава наредба да направат остра промена на курсот и нагло да завртат. Поради овој брз маневар едно од челичните јажиња пука, удирајќи и пробивајќи една од водородните ќелии. Почнува да истекува водород; пилотите забележуваат дека опашката натежнува, но не претпоставуваат дека тоа може да се должи на истекувањето. Од влажноста на воздухот и од движењето на леталото, цепелинот е наелектризиран, а кога јажињата се спуштени и се фатени од луѓето кои се наоѓаат долу на платформата, контактот на јажето со земјата овозможува проток на електрично празнење кон металната рамка. Како резултат на тоа, водородот кој истекува од 4-тиот сектор избувнува во мини експлозија и голем пожар.

Многумина ќе загинат од самиот шоков бран од експлозијата, од пожарот, од гушење или затоа што ќе скокнат од многу високо во обид да се спасат. Ќе загине и еден од луѓето на земјата. Во меѓувреме, капетанот успева делумно да ја надмине ситуацијата и ризикувајќи го животот релативно бавно да го слета цепелинот на земјата. Тоа им овозможува на дел од патниците на цепелинот да преживеат, скокајќи преку панорамските прозорци во салата за набљудување. Од вкупно 97 патници и членови на екипажот, 62 лица успеваат да се спасат.

Остатоците од леталото се испратени во Германија на експертиза, ама катастрофата засекогаш го менува воздушното патување. Луѓето губат доверба во воздушните балони, па со тоа настапува и крајот на нивната ера.

- Реклама -