Тошковски: За два месеци отсега би се нормализирал процесот на издавање на пасошите

Во законскиот рок од 48 часа, како што рече министерот, е вратено и издавањето пасоши по итна постапка

За најмногу два месеци отсега може да се очекува нормализирање на процесот на издавање на пасошите, при што за издавање на документот граѓаните би чекале 15 дена, согласно законскиот ред, најави вечерва министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за Топ Тема на ТВ Телма.

Панче Тошковски, министер за внатрешни работи

„Ако граѓанинот се фотографира, да речеме на први, за петнаесетина дена, во рамки на законски дозволениот рок, во редовна постапка ќе се стекне со патна исправа“,

вели Тошковски во интервјуто за Телма.

Од фотографирање до издавање на патната исправа, како што рече министерот, досега најмногу се чекало 80 дена, односно речиси три месеца, но вели дека рокот на издавање на документот сега е значително намален.

Во законскиот рок од 48 часа, како што рече, е вратено и издавањето на пасоши по итна постапка.

Според Тошковски, во изминатите четири до пет месеци се издадени околу 400 000 патни исправи, што, како што рече, е број на документи што претходно се издавале во интервал и од по две години.

„Факт е дека она што го сработевме за овие четири месеци се бројки што претходно ги работеле две години или повеќе. Ние за четири месеци успеавме да фотографираме и да издадеме некаде над 400 000 патни исправи. Мислам дека она што можеше да се направи се направи и граѓаните го видоа тоа, но факт е дека проблемот се уште го има, и факт е дека исто така бројките се намалуваат“,

рече Тошковски. 

Најави дека во иднина ќе се бара софтверско решение кое ќе ги поедностави процедурите на процесот за издавање на документите. Па така, граѓаните да можат да извадат повеќе документи преку една апликација, наместо досегашната пракса која подразбира посебно фотографирање за секој личен документ.

- Реклама -