Според Тошковски, тврдењето дека за време на неговото раководење со МВР е расчистен само еден случај е целосно лажно и манипулативно, со цел да се дезинформираат граѓаните
Разочаран сум од некрофилските обиди на СДСМ за манипулација на народот со обвинување за наводната неспособност на МВР во овие 100 дена, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по денешните обвинувања од СДСМ дека откако е тој на чело на институцијата бил расчистен само еден случај.
Тошковски, во објава на својот фејсбук-профил, пишува дека ваквите обвинувања од СДСМ се „само очаен обид да го свртат вниманието од седумгодишниот хаос и уништувањето на безбедносниот систем што тие го оставија зад себе“.
Според Тошковски, тврдењето дека за време на неговото раководење со МВР е расчистен само еден случај е целосно лажно и манипулативно, со цел да се дезинформираат граѓаните.
„Според официјалните бројки на МВР, во 2023 година имало 23 убиства од кои две нерасветлени, додека во 2024 година до октомври има 16 убиства, од кои исто така само два се нерасветлени“,
пишува Тошковски.
Тој вели дека овие податоци покажуваат дека ситуацијата не само што не е влошена, туку е и подобрена од аспект на намалување на бројот на убиства
„Но, сите знаеме каков хаос се случуваше во изминатите седум години каде скандалите се редеа еден по друг. Нивните владејачки структури дозволија криминалците да владеат на улиците, да пукаат во трговски центри, да тероризираат граѓани и да ја претворат полицијата во извршител на нивните интереси. Пукањата во ‘Ист Гејт’, каде криминалци пукаа сред бел ден, мафијашките убиства во ‘Шиша Бар’ и Бутел, двојното убиства во Топанско Поле, бегствата на затвореници – сето тоа не се случи во овие 100 дена. Овие настани чии извршители ден денес се непознати, се резултат на долгогодишното уништување на системот, кој тие го претворија во механизам што им овозможуваше на криминалните структури да дејствуваат слободно’,
додава Тошковски во објавата.
Според Тошковски, пукањата и убиствата што денес ги има „се наследство од нивното владеење, кое дозволи полицијата да биде контролирана од криминалци, додека народот беше оставен незаштитен“.
По синоќешното пукање во скопската населба Чаир, СДСМ денеска обвини за целосна неспособност на министерот за внатрешни работи Тошковски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ и побараа негова оставка.
За само 100 дена, велат од СДСМ, ова е еклатантен пример за неспособна власт каде што криминалците прават што сакаат.