Тошковски: СДСМ излезе заштитник и покровител на сите криминали на ДУИ

Министерот рече дека очекувал да биде нападнат не од оваа, туку од друга опозициска партија (ДУИ н.з.), откако во понеделникот МВР поднесе кривични пријави против девет лица, меѓу кои и Дрин и Бесијан Ахмети, внуци на Али Ахмети

Жал ми е што СДСМ излегува заштитник и покровител на сите криминали коишто ги има сторено ДУИ во минатото.

Ова е коментарот на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по вчерашните обвинувња на СДСМ оти поседува имот кој не го пријавил во својот анкетен лист. Министерот рече дека очекувал да биде нападнат не од оваа, туку од друга опозициска партија (ДУИ н.з.), откако во понеделникот МВР поднесе кривични пријави против девет лица, меѓу кои и Дрин и Бесијан Ахмети, внуци на Али Ахмети.

Панче Тошковски, министер за внатрешни работи / Фото: „360 степени“

„Жалам што на таков низок и дрзок начин беа фрлани пердуви и беше манипулирана јавноста во текот на вчерашниот ден. Верувајте ми, вистината ќе излезе на виделина. Очекувам уште пожесоки напади, лаги и манипулации во иднина, но тоа нема да не поколеба за секој еден од недопирливите коишто ги знае јавноста со име и презиме со докази и факти, почитувајќи ја презумпцијата на невиност, биде спроведен во рамки на соодветна процесна постапка пред законот“,

изјави Тошковски на денешната прес-конференција по седницата на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи.

Наместо лов на вештерки како досега, рече Тошковски, во иднина врз основа на докази и факти МВР ќе ги процесуира сите постапки кои ги има за секој еден кој досега бил недопирлив и чиешто име и презиме, како што додаде, не смеело да се каже во истражните органи, а не да се покрене каква било постапка.

Прашан на кои лица конкретно мисли кога го кажува ова, Тошковски рече:

„Секој македонски граѓанин знае кој душмански ја крадел Македонија. Моја работа како министер за внатрешни работи во рамки на надлежностите на БЈБ и сите останати институции коишто треба да работат врз основа на докази, сите овие основани сомненија да ги процесуираме таму каде што има докази да се расветлат случаите во сооветни постапки. Таму каде што нема докази – да се почитуваат сите оние процесни права коишто му следат на секој еден граѓанин, дали бил македонски или не бил македонски тотално е сеедно.“

Во понеделникот МВР поднесе кривични пријави против вкупно девет лица, меѓу кои и Дрин и Бесијан Ахмети – внуци на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Двајцата браќа, кои се внуци од брат на Ахмети, се пријавени бидејќи директорувале со фирма која копала варовник во Кичевско, но не уплаќале пари во државниот буџет согласно концесискиот договор. Пријавите против седумте други лица, од кои петмина вработени во Министерството за економија и двајца во Државниот инспекторат за техничка инспекција, се поднесени бидејќи пропуштиле да спроведат должен надзор и да утврдат – дека фирмата не си ги плаќа обврските.

- Реклама -