Рафаел Бенитез го замени Роберто ди Матео на клупата на Челзи, а англиските медиуми тврдат дека голем дел од задачата за доаѓањето на Шпанецот завршил неговиот сонародник Фернандо Торес.
Имено, токму тој го доведе Торес во Ливерпул во 2007 година, а под негово водство напаѓачот играше најдобро во Премиер лигата. Популарниот „Ел Нињо“ лобирал кај раководството на клубот токму Бенитез да седне на клупата на Челзи.
Познато е дека Фернандо Торес е еден од милениците на сопственикот на Челзи, Роман Абрамович, кој издвои фантастични 50 милиони фунти за да го доведе на „Стемфорд Бриџ“ и сака тој да блесне во полн сјај во дресот на лондонските „Сини“.
Абрамович му сугерирал на Ди Матео да го стави Торес во стартниот состав и на мечот од Лигата на шампионите против Јувеннус, но младиот стратег сепак се одлучи да игра само со Хазард во нападот, а шпанскиот напаѓач го уфрли на дваесетина минути пред крајот.
Тоа ја прелило чашата кај Абрамович, со оглед дека Ди Матео не ги послушал неговите совети, а од друга страна Челзи доживеа тежок пораз кој можеби ќе го чини и елиминација од Лигата на шампионите.