Смртоносниот бран на летна горештина што зафати големи делови од Европа е толку силен и незапирлив што метеоролозите го нарекоа „Луцифер“. Горештините предизвикаа неброени шумски пожари, затворија некои туристички атракции, а зголемен е и бројот на срцеви удари предизвикани од топлото. И како тоа да не е доволно, Романците и остатокот од Балканот ќе мораат да се соочат и со зачестени и посериозни напади од оси и пчели.
Медиумите во Романија веќе пишуваа дека седум луѓе кои се разладувале пливајќи во река завршиле во болница минатата недела како последица на напади од оси. Тројца од нив доживеале анафилактички шок, а еден од нив подоцна починал. Многумина во Романија тврдат дека се забележани неколку десетици вакви напади во последните три недели колку што Луцифер пржи по Европа. Меѓу нив и еден сериозен напад врз 19-годишник.
„Климатските промени секако ќе придонесат за многу поголема популација на пчели и оси отколку што досега сме навикнати“, вели Лин Кимси – професорка по ентомологија на Универзитетот во Калифорнија. „Ќе бидат многу поактивни и веројатно многу поагресивни, бидејќи е жешко“.
Постои извесна доза на шпекулација за тоа што се случува во Романија. Не се знае со сигурност за какви инсекти се работи, бидејќи сите случаи се базирани на сведоштва од луѓе, а луѓето често не ги разликуваат осите од пчелите од сличните на нив инсекти.
Кимси објаснува дека во Романија постојат неколку подгрупи оси кои се типични за регионот, а во последните години има уште неколку нови. Меѓу нив се црно-жолтата каллива оса, костенастата широка оса, хартиената оса и ориенталниот стршлен. Според Кимси, вистинската загриженост доаѓа од последните два.
Ориенталните стршлени се одамна познати по нападите врз луѓе. Нивните колонии се во пикот на развојот во ова доба од годината, а Кимси е речиси сигурна дека климатските промени имаат предизвикано пораст на бројот на овие инсекти.
Овие бубачки се сезонски вид – што значи дека колонијата умира во зима, а матиците кои ќе преживеат почнуваат да создаваат нови колонии следната пролет. Значи, што повеќе матици ја преживеат зимата, толку повеќе колонии на стршлени ќе има следната година. Глобалниот пораст на температурите го овозможува баш тоа. „Кога зимите се постудени, помалку матици преживуваат“, наведува Кимси.
Иако климатските промени претежно ни создаваат грижи околу екстремните временски настани, како оркани и поплави, Кимси смета дека не смееме да заборавиме и на инсектите. Нема да биде изненадување ако еден „завладеат“ со светот.