Топењето на големите глечери во западниот дел на Антарктикот, кои содржат доволно вода за да го променат нивото на океаните за најмалку еден метар, се засилува под влијание на глобалното затоплување и изгледа неповратно. Ова го покажуваат истражувања засновани на податоци кои се собираат повеќе од 40 години .
Тие покажуваат дека топењето на глечерите во морето на Амудсен, во западниот дел на Антарктикот, достигна точка од која нема враќање. Ова го објаснува професорот од Калифорнискиот универзитет Ерик Ригнот кој е главен автор на студијата објавена во „Геофизикал рисрч Летерс”.
Топењето на 6 од најголемите глечери таму веќе придонесува сериозно за пораст на нивото на океаните. Тие содржат доволно вода за да го покренат нивото на океаните со 1.2 метри и се топат побрзо од предвидувањата на повеќето научници. Тоа, според проф. Ригнот, бара да се зголемат прогнозите на Меѓународната група експерти за климатските промени. Топењето на водите води до намалување на дебелината на мразот, што пак од своја страна доведува до полесно одвојување од карпестата маса под него и уривањето на мразот во океанот. Како единствена причина за тоа, научниците го истакнуваат затоплувањето на водата во океанот, во која пливаат дел од овие ледени маси.