Компанијата Henlley & Partners ги анализираше визните прописи на сите држави и територии од светот и врз основа на тоа состави листа на држави со најголем патна слобода. Погодувате каде е Македонија?
Компанијата инаку се бави со планиран престој и државјанства, а овој пат објави индекс листа во која секоја држава е рангирана по бројот на држави/места каде нејзините граѓани би можеле да патуваат без да има потреба од виза. Листата е направена во соработка со Меѓународната асоцијација за воздушен сообраќај, која ја поседува најголемата датотека со патни податоци.
Финска, Германија, Велика Британија, Шведска и САД се на врвот на листата. Нивните граѓани се слободни да патуваат во дури 174 држави во светот, без виза.
На второто место се Канада и Данска, со пристап до 173 држави, а зад нив се Белгија, Франција, Јапонија, Јужна Кореја, Италија, Луксембург, Холандија, Португалија и Шпанија, со слободен пристап до 172 држави.
Словенија е 12-та, со пристап до 160 земји, Бугарија е 18-та – 149 држави, а Романија и Андора го делат 19-тото место. Последниве две можат да патуваат во 148 земји.
На последните места се Пакистан, Сомалија, Ирак и Авганистан, кој е на 94. место и има пристап до само 28 држави.
Освен Бугарија, состојбата на балканот е следна: Хрватска е на 22. место, со пристап до 138 држави. Во истата група се и Бахамите и Барбадос. Србија е на 35. место со пристап до 107 држави. Веднаш зад нив е и Македонија, на 36. место, со пристап до 106 држави. Црна Гора е на 39. место – 99 земји, БиХ е на 42. место – 95 држави, а Албанија е на 45. место – 91 држава.
На индекс листата се наоѓаат вкупно 219 држави и територии.