Стенли Кјубрик беше дел од филмската уметност речиси пола век, започнувајќи со краток документарец во 1951-та, сé до неговиот последен филм во 1999-тата. За филмофилите, една од неговите најценети особини како режисер е неговата одлучност да оди до „радикални крајности“, сé за да избегне медиокритет во неговите дела и со тоа да ги спаси од „брза смрт“ и пад во заборав. Наголемо е почитуван и неговиот неверојатен талент за решавање на проблеми во сите сфери од животот.
Од друга страна, тоа што Кјубрик беше еден од оние што ја преферираат приватноста и нема многу дадени интервјуа, а особено што во подоцнежните години избегнувал да зборува во јавност за неговите афинитети кон останатите филмови и режисери, остави многу отворени прашања на ова поле. Се разбира, тоа не ги спречи фановите на седмата уметност да престанат да копаат во потрага по омилените филмови на еден таков гигант со филмски наслови од калибарот на Доктор Стрејнџлов, Сјаење, Пеколен портокал и Одисеја 2001-ва, а во тоа ќе помогнат еден куп негови пријатели, познаници и соработници. Така, пред две години, Британскиот филмски институт, со помош на Јан Харлан – десна рака на Кјубрик, ја објави првата и последната топ листа што Кјубрик ја има испратено до некого. Се работи за онаа од 1963-тата, до американскиот магазин Cinema. Гласи вака:
1. I Vitelloni (Федерико Фелини, 1953)
2. Wild Strawberries (Ингмар Бергман, 1957)
3. Citizen Kane (Орсон Велс, 1941)
4. The Treasure of the Sierra Madre (Џон Хастон, 1948)
5. City Lights (Чарли Чаплин, 1931)
6. Henry V (Лоренс Оливие, 1944)
7. La notte (Микеланџело Антониони, 1961)
8. The Bank Dick (В.С. Филдс, 1940)
9. Roxie Hart (Вилијам Велман, 1942)
10. Hell’s Angels (Хауард Хјуз, 1930)
Сепак, со оглед на тоа што по создавањето на листата Кјубрик поминал уште 36 години живот и со тоа многу изгледани филмови, јасно е дека оваа листа не ги преставува во целост неговите фаворити. Затоа тука го вклучуваме Јан Харлан, кој за BFI открива дека и самиот Стенли веројатно ќе направел сериозни измени во листата, со тоа што Wild Strawberries, Citizen Kane и City Lights дефинитивно ќе останеле во неговите топ 10. Што се однесува до промените, подоцна на Кјубрик многу повеќе му се допаѓал Henry V, ама оној на Кенет Брана, го сметал Макс Офулс за „највисокиот (во метафорична симсла) од сите“ и „благословен со секој можен квалитет“, го нарекувал Елија Казан „најголемиот режисер што го има Америка, без конкуренција“, а срдечно ги фалел и Дејвид Лин, Виторио де Сика и Франсоа Трифо.
Десет секогаш се малку, затоа ја приложуваме и листата составена од неговата ќерка – Катарина Кјубрик-Хобс, за која таа ќе рече дека е создадена чисто по сеќавање и дека се состои од филмови што таа случајно знае дека нејзиниот татко ги сакал:
1. Closely Watched Trains (Жири Мензел, 1966)
2. An American Werewolf in London (Џон Лендис, 1981)
3. The Fireman’s Ball (Милош Формен, 1967)
4. Metropolis (Фриц Ленг, 1927)
5. The Spirit of the Beehive (Виктор Ерис, 1973)
6. White Men Can’t Jump (Рон Шелтон, 1992)
7. La Belle et la Bête (Жан Кокто, 1946)
8. The Godfather (Френсис Форд Копола, 1972)
9. The Texas Chain Saw Massacre (Тоб Хупер, 1974)
10. Dog Day Afternoon (Сидни Ламе, 1975)
11. One Flew Over The Cuckoo’s Nest (Милош Форман, 1975)
12. Abigail’s Party (Мајк Леи, 1977)
13. The Silence of the Lambs (Џонатан Дем, 1991)
За да прочитате (речиси) сé што некогаш Кјубрик изјавил за некој филм или режисер, повелете овде.