Том Вејтс за музичарите што ги продаваат своите песни за реклами

PA-2139875-1024x756[1]

Во 2002-та, Том Вејтс испрати писмо до магазинот The Nation, како одговор на статијата на Џон Денсмор од The Doors, во која Џон зборуваше околу музичарите што „дозволуваат нивните песни да бидат користени во реклами“.

Том Вејтс напиша:

„Ти благодарам за елоквентната тирада на тема артисти што дозволуваат нивните песни да бидат користени во реклами. Зборував на темата секогаш кога имав прилика, дури и пред случајот со Frito Lay, кога употребија слична верзија на мојата песна „Step Right Up“ толку убедливо, што мислев дека сум јас. На крајот, по многу судење и неволји, ние победивме и судот одлучи дека мојот глас е моја сопственост.“ (Во 1992, Том Вејтс ја тужеше Frito-Lay Inc., бидејќи во една од рекламите за својот чипс „Доритос“ – употребија глас што претерано многу потсетуваше на тој на Том Вејтс. На крајот Вејтс доби компензација од 2.6 милиони долари).

„Песните носат емоционална информација и некои те транспортираат назад во некое важно време, на важно место или настан во нашите животи. Не е чудно што некоја корпорација би сакала да се шлепа на магијата што ја фрлаат овие песни и што сака да те убеди да купиш газирани пијалоци, долна облека или автомобил додека си во транс. Уметниците кои земаат пари од реклами ги трујат и первертираат нивните песни. Тоа ги сведува на џингл – збор што го опишува звукот на ситните пари во твојот џеб, тоа станува твојата песна. Запомни, кога ги продаваш своите песни за реклами, ја продаваш и твојата публика исто така.

Кога бев дете, ако видев музичар на кој му се восхитував како снима реклама, ќе помислев, ‘штета, изгледа навистина му требаат парите’. Но тоа денес е толку продорно и сеприсутно. Тоа е вирус. Музичарите чекаат во ред за да снимат реклами. Парите и изложеноста се премногу привлечни за повеќето музичари да ги одбијат. Корпорациите се надеваат да ги киднапираат спомените на културата, за потребите на нивниот продукт. Тие ја сакаат публиката на музичарот, добрата волја и целата енергија што песните ја собрале и дале низ годините. Тие го цицаат животот и смислата од песните и ги забременуваат со ветувања за подобар живот со нивниот продукт.

Порано или подоцна, музичарите ќе излегуваат на сцена како возачите на тркачки автомобили, прекриени со стотици логоа. Џон, остани чист. Твојот кредибилитет, твојот интегритет и твојата чест се нешта што ниедна компанија не би требала да може да ги купи.

Том Вејтс“

- Реклама -