Тоа што мајка ти ти лајкува на Фејсбук ти ги повредува шансите да станеш вирален

Мајка како мајка, те сака. Мајка како мајка, те сака и на Фејсбук. И ти лајкува. Сé, по дифолт, дури и на непрочитано. Дури и кога не ја сфаќа поентата на постот. Дури и кога текстот што си го споделил/а е светлосни години далеку од нејзината сфера на интерес. Како мајка, тоа ѝ е работа (смета таа).

Ама, Фејсбук има посебен третман за лајковите од „мама“. Ако поентата на постот ти е да допре до што поширока публика, лајкот од мајка ти може поприлично да ти попречи.

Инженерот и блогер Крис Алдрич ова го нарекува „The Facebook Algorithm Mom Problem“. Објаснува дека кога ќе споделиш нешто и мајка ти е прва што ќе го лајкне (а обично е), Фејсбук претпоставува дека се работи за семејна содржина (макар и да се работи за текст од теориска физика), па ја прилагодува публиката соодветно. Да речеме дека имаш едно 40-тина заеднички пријатели со мајка ти и повеќето од нив се членови на семејството; алгоритамот веднаш ја стеснува презентацијата (т.е. тоа што ние креаторите на онлајн содржини го нарекуваме „reach“, aka. колку луѓе ќе го видат постот) на постот на потесниот круг на роднини. Постот тогаш стигнува до тетка ти, па затоа што освен „срце на мама“ си и „срце на тета“, и таа ти става лајк на статијата по теориска физика. Алгоритамот на Фесјбук го гледа тоа, и дополнително се уверува дека се работи за семејна содржина, па дополнително го стеснува reach-от кон членовите на семејството. На крајот ќе добиеш пет-шест лајкови, и ниту еден од човек што го прочитал текстот/постот.

Мада, има и полошо.

Алдрич истакнува дека сличен ефект можат да имаат и раните лајкови од други роднини. Сепак, судејќи од неговото искуство, алгоритамот е главно ориентиран на мајките.

Колку и да ѝ го објаснуваш ова на мајка ти, таа нема да може да одолее да кликне на „палецот нагоре“ кога ќе ти го види ликот или нешто паметно што си напишал на интернет. Па, за жал, тебе ти останува само да ја шиканираш. А финти за тоа, постојат.

Алдрич, на пример, кога ќе сподели долга статија и не сака Фејсбук да му ја пенализира поради автоматскиот лајк од мајка му, ги подесува сетинзите за приватност на постот на „Friends except mom“ или на „Public except mom“. За да не му се лути жената што го родила, особено кога текстот е интересен за широката публика, откако постот ќе допре до саканите таргет групи, Алдрич ги враќа сетинзите на „friends“ или „public“. Со други зборови, лајкот од мама пак е неизбежен, ама го добиваш подоцна, кога нема да го збуни алгоритамот на Фејсбук.

- Реклама -