Типот по гаќи што мислеше дека нему му аплаудираа

Ви се случило некој рандом на улица да ви мафта, вие да му вратите, па дури тогаш да сфатите дека му мафтал на некој зад вас? Е, помножете го тоа чувство со 200.000 и можеби ќе му влезете во кожа на типчево од нашата приказна.

Имено, во саботата во Њујорк околу 200.000 демонстранти, главно жени, излегоа на протест за да одбележат една година од денот кога почнаа женските маршеви инспирирани од инаугурацијата на Доналд Трамп, овојпат мотивирани од неговите политики во однос на абортусот и меѓусебните недоразбирања со #meToo движењето. Но, политиката настрана…

Додека 200-те илјади маршираа по улиците, типче излегува на противпожарните скали по долна маица и боксерки. Наидува на овации и силен аплауз. Вакво нешто никогаш не му се случило. Од кај знаат кој е? Од кај знаат дека е најкул тип на светот? Зар и од далеку се гледа колку е секси? Збунет од  ненадејна популарност, типчето решава да си ја прифати долгочеканата судбина – победнички ги крева рацете за да ужива во моментот кога светот конечно сфати колку тој им е потребен.

Кратко траеше. Момент подоцна, овациите се претвораат во смеа. Раце покажуваат нагоре, ама некако не во негова насока. Погледнува царот нагоре, и ете го, моментот кога сфаќаш дека тие 200 илјади „му мафтале“ на некој друг.

Тоа е цурата над него, излезена на противпожарните скали во облека на Супермен.

Сега ситуацијата повторно му има смисла. Животот? Знак прашање.

 

- Реклама -