Тинејџер поправил грешка во податоците на НАСА

Еден британски ученик неодамна ја контактирал НАСА за да им укаже дека имаат грешка во податоците снимени на Меѓународната вселенска станица (ISS, т.е. МВС). За возврат доби едно фино „благодарам“. Од НАСА!

Мајлс Соломан – 17-годишен ученик од Tapton School во Шефилд, бил дел од проектот TimPix, кој им овозможува на учениците во Британија да се бават со реална наука, во пракса, а во случајов – да имаат пристап до податоците од радијациските детектори, снимени за време на шестмесечниот престој на британскиот астронаут Тим Пик на МВС.

А на МВС, меѓу другите задачи, Пик учествувал и во истражувачка програма што го испитува импактот на вселенската радијација врз луѓето. Радијацијата на МВС е мониторирана од USB-видни детектори наречени Timepix, кои се приклучени на компјутерите и редовно испраќаат податоци назад на Земјата.

17-годишниот Соломан и неговите соученици ги добиле овие Timepix мерења во форма на голем куп од Excel табели, врз кои учениците требало да вежбаат дата-анализа на реални научни информација.

Кога ги подредил (т.е. сортирал, „екселски“ речено) податоците според нивоата на енергија, Соломан забележал нешто чудно.

„Отидов право до дното на листата, и до најмалите регистрирани количества енергија. Забележав дека каде што треба да нема енергија, документот всушност покажува вредност од -1. Првото што го помислив беше: ‘Па, не може да има негативна енергија’, и потоа сфативме дека се работи за грешка“.

Тој и неговиот професор по физика веднаш ѝ испратиле и-мејл на НАСА. Од НАСА одговориле дека се свесни за проблемот, но дека мислеле дека се случува само еднаш или двапати годишно. Е па не биле во право.

„Всушност утврдивме дека се случува повеќе пати во денот“, вели Соломан.

Лоренс Пински од Универзитетот во Хјустон објаснува дека до грешката дошло зашто некои од алгоритмите што ги конвертирале сировите податоци биле „малку непрецизни“, па кога ја правеле конверзијата завршиле со негативен број. На прашањето од BBC’s World дали оваа корекција е засрамувачка, со оглед дека доаѓа од ученик, Пински смета дека е баш спротивно – тоа што учениците можат да се вмешаат на вака реално ниво е супер прилика за нив, ама и за науката.

ДЕЛ 2: Како да заинтересираш ученик за наука

Ништо од ова немаше да се случи да не е проектот TimPix, кој е организиран од Institute for Research in Schools (IRIS) – британски добротворен фонд кој на учениците и наставниците им овозможува да учествуваат во вистински научни истражувања во училиштата, како ова погоре. IRIS соработува со повеќе организации, меѓу кои и ЦЕРН и НАСА. Со тоа ги носи научните проекти во училниците и ја развива љубовта кај децата кон науката, а со тоа и нивната тенденција во иднина да имаат и професионална кариера на полето. Од друга страна, науката, преку вакви проекти, црпи од потенцијалот на младите умови.

Освен што анализираат радијација на МВС, учениците исто така имаат работено и на генетски истражувања на кардиоваскуларните болести, анализа на атмосферата на Марс, но и на барање на траги од магнетен монопол во рамки на MoEDAL експериментот на големиот хадронски колајдер во ЦЕРН. Во подготовка е и проект во кој учениците ќе изградат реплика на големиот хадронски колајдер во популарната видео игра Minecraft, при што ќе соработуваат со физичари од Оксфорд кои се бават со физика на честици.

 

- Реклама -