Тиквички потпечени со бешамел сос

Сезоната на тиквички е пред нас, а од оваа намирница се подготвуваат најразлични вкусни јадења. Ние ви предложуваме да го дегустирате специјалитетот од тиквички во бешамел сос.

Потребни намирници – 3 средно големи тиквички, 150 грама кашкавал (или пак, моцарела), сол, оригано, црн пипер и мирудии по желба, 1 лажица павлака, 2 јајца.

За бешамелот – 3 лажици масло, 25 грама путер, 2 чешниња лук, 5 дл млеко, 3 лажици брашно, 2 мали лажички сол, половина лажичка мускатно оревче.
Подготовка

Почнете од бешамел сосот. На средно загреано масло и путер пропржете го исечканиот лук. Штом почне да добива боја, додадете го брашното и млекото, мешајќи постојано и водејќи сметка да не стане премногу густо. Посолете и додадете го мускатното оревче. Од бешамел сосот одвојте 3 лажици за подоцна подготовка.

Тиквичките измијте ги и исечете ги на кругови. Посолете ги и оставете ги да отстојат половина час. Намрсете ја тепсијата за печење, па почнете да ги редите тиквичките. Врз секој ред тикички додавајте бешамел сос, малку оригано и изрендан кашкавал (или тенко исечкана моцарела). Завршете со ред тиквички, и одозгора наросете ги со малку сол. Печете во загреана рерна на 200 степени, околу 20 минути. После дваесетина минути печење, тиквичките прелијте ги со смеса од изматен бешамел сос со павлака, јајца, сол и црн пипер. Вратете ги во рерната и оставете да се потпечат уште 10 минути.

- Реклама -