Бразилскиот дефанзивец Тијаго Силва потпиша петгодишен договор со ПСЖ и ќе настапува во овој клуб до 2017 година, за годишна плата од 9 милиони евра.
Тоа е за околу 3 милиони евра повеќе од платата што ја имаше во редовите на Милан, кој од продажбата на фантастичниот дефанзивец ќе заработи околу 45 милиони евра. Сега се очекува потписот и на Златан Ибрахимовиќ, но преговорите со него сè уште траат, пред сè поради личните услови на Швеѓанецот. Најголем проблем се високите даноци што Франција ги воведе неодамна.
„Сè уште напорно работиме на трансферот. Кога сè ќе биде готово, ќе бидете известени на прес-конференција“ изјави агентот на Ибрахимовиќ, Мино Раиола.
Што се однесува до трансферот на Тијаго Силва, тренерот на ПСЖ, Карло Анчелоти, е неверојатно задоволен што ќе го има во својот тим.
„Секој тренер би го посакал Тијаго Силва во својата екипа. Се работи за еден од најдобрите светски дефанзивци, кој сигурно ќе го зголеми квалитетот во ПСЖ“ истакна Анчелоти, откако неговиот тим одигра 2:2 на пријателскиот меч со ЦСКА Москва.