Тие: Си се допингувал! Тој: Не, сум се лапал

Гил Робертс е американски спринтер од светска класа, кој освои златен медал за САД на Летните олимписки игри во 2016-та.

Кога Робертс падна на допинг тест, извади едно од пооригиналните објаснувања во историјата на допингот – рече дека непосредно пред тестирањето „страстно ја бакнувал“ девојка му Алекс Салазар, која тогаш била болна и примала лекови за синуси. Така, според Роберт, влегла недозволената супстанца во неговото тело.

Во четвртокот, судот го прифати неговото објаснување. Робертс е ослободен од обвинувањата.

Влакно фалеше малата количина на „пробенецид“ – маскирен агенс забранет од спортските регулатори затоа што прикрива траги на други лекови, да му донесе 4-годишна забрана на Робертс. Покрај тоа, инстантно ќе му пропаднеше и спонзорството со Nike, а ќе изгубеше и право да учествува на Олимписките игри во 2020-та. Сепак ете, судот одлучи дека е поверојатно дека пробенецидот се нашол во системот на спринтерот како последица на бакнување (а не намерен допинг).

Кога професионалните спортисти ќе паднат на допинг тест, знаат да се вадат со секакви изговори – од контаминирано месо, преку наводни тајни состојки во енергетските пијалоци, па до нивни двојници кои ги наместиле и сега никој не може да ги најде. Ретко им успева. Но Робертс, со помош на сведочењето на девојка му, им зададе неочекуван удар на антидопинг агенциите, чии претставници инсистираа дека дури и ако таква контаминација е научно можна, Робертс е виновен што не внимавал. Со други зборови, за допинг обично се јаде стапот и ако било несакајќи.

„Како тоа сум немарен ако ја бакнам девојка ми?“, се бранеше Робертс, повторувајќи дека таа не му спомнала дека е болна, од страв дека нема да сака да поминува време со неа. На судењето во Њујорк, таа сведочеше дека имала синусна инфекција која ја закачила на семеен одмор во Индија, од каде што го купила антибиотикот (кој денес е надвор од производство). Таа нагласи и дека има аверзија од голтање апчиња, па содржината од секоја капсула ја празнела на јазикот, со кого Робертс последен пат имал контакт околу 3 часа пред да обезбеди примерок од урина за тестирањето.

 

На судењето мислење дал и францускиот д-р Паскал Кинц – експертот кој учествуваше и на првото судење со „бакнувачки случај“ во 2009-та година. Во тој случај, францускиот тенисес Ришар Гаске успешно докажа дека трагите од кокаин во неговото тело биле пренесени од жена со име Памела, со која се бакнувал во ноќен клуб во Мајами. Тениската антидопинг агенција сепак го прогласи за виновен, со пресуда дека се однесувал неодговорно со тоа што се впуштил во контакт со непознато лице.

Сепак, Судот за спортска арбитража (Court of Arbitration for Sport) – највисоката инстанца за спортски спорови, ја преиначи таквата одлука и му прости на Гаске, оставајќи го без казна. Меѓутоа, за да стигне до таму, Гаске мораше да ја тужи девојката која ја бакнал, за да ѝ земат примерок од влакно од косата и да докажат редовна употреба на кокаин. Анализата кај Гаске не покажа таква.

Истата судска инстанца досуди и сега во полза на Робертс.

Џонатан Тејлор – спортски адвокат кој ја застапуваше Меѓународната тениска федерација во случајот против Гаске, објаснува дека спортистите се строго виновни за секоја недозволена супстанца во нивниот организам, дури и ако е внесена комплетно ненамерно.

„Ќе избегнат забрана/казна само во многу исклучителни случаи, кога можат да докажат дека ја преземале секоја класична превентивна мерка“, вели Тејлор, нагласувајќи дека што подалеку е спортистот од тренинг и натпревар, и колку поинтимна е атмосферата, обично толку помалку мерки спортистот презема за да се заштити. Со други зборови, самите спортисти треба да се свесни да не учествуваат во такви „ситуации“.

Тој е убеден дека во иднина спортскиот суд ќе бара уште поригорозни објективни и научни докази за да ги валидира тврдењата на спортистите кои ќе се бранат со истиот изговор – дека се заразени преку бакнеж.

Па ете, ако мислевте дека да си врвен спортист е саде забава, размислете пак.

via New York Times

 

- Реклама -